ВМРО-ДПМНЕ: Силјановска пред Пендаровски
28 март 2019Партиските субјекти, односно коалиции кои ќе настапат со свои кандидати на претседателските избори, спроведуваат повеќе интерни истражувања на јавното мислење со кои го мерат пулсот на гласачите. Дојче веле, врз основа на податоци од партиски извори, ги објавува трендовите што произлегуваат од ставот на гласачите по повеќето досега спроведени анкети.
Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ имаат причини за задоволство во однос на тие трендови. По барање на ВМРО-ДПМНЕ досега биле спроведени повеќе испитувања на јавното мислење, и телефонски и теренски, на репрезентативни примероци кои се движат од 1.200 до 2.500 испитаници.
Според нив, се проценува дека излезноста на претседателските избори ќе биде меѓу 50 и 55 отсто, односно помеѓу 900.000 и 1 милион гласачи.
„Предноста на Гордана Силјановска-Давкова во однос на Стево Пендаровски е 15% кај Македонците, а во тотал е 5 отсто од вкупниот број на излезени гласачи или во бројка - ќе зависи од излезноста во првиот круг и ќе се движи помеѓу 45.000 до 50.000 гласови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе:
-Анкети на СДСМ: Пендаровски води со 8 до 10 отсто пред Силјановска
Деновиве, и Арбен Таравари од опозициската „Алијанса за Албанците“ во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ изјави дека според интерните анкети кои ги има оваа опозициска партија, во овој момент Гордана Силјановска-Давкова води пред Стево Пендаровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во некои од анкетите е мерен и рејтингот на партијата. Врз основа на тие мерења е констатирано дека предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ изнесува 1,3 % од вкупниот број избирачи, или околу 15.000 гласови, а кај Македонците е 7 % од вкупниот број на избирачи. Но, според изјаснувањето на испитаниците, тие што изјавиле дека се уште не одлучиле за кого ќе гласаат или се уште не знаат, се околу 20 % и тие практично ќе одлучат кој ќе биде победникот.
„На вкрстени прашања може лесно да се заклучи дека распределбата кај овие потенцијални гласачи е 2:1 во корист на опозицијата, односно дека тоа е потенцијал за опозицијата. Но, дали така ќе се случи, многу ќе зависи од изборната кампања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во завчерашниот дуел со премиерот Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инсистираше да добие ветување - дека ако на изборите изгуби заедничкиот кандидат на владејачката коалиција, ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори. На инсистирање на Мицкоски, Заев даде потврден одговор.
„Ако побарате предвремени парламентарни избори, и доколку Стево Пендаровски изгуби, тогаш ќе се согласиме на предвремени парламентарни избори“, вети Заев.