„Влијанието на Ердоган во Германија е огромно“
10 јуни 2016ДВ: Што доживеавте како некој кој ја поддржа резолуцијата за Ерменија?
Севим Дагделен: Добив многу смртни закани и навреди. Занимливо е дека еден дел од населението прифати дека над Ерменците е извршен геноцид, додека други го оспоруваат тоа. Порачано ми е да „одам на одмор во Бухенвалд“ и оти мојата глава е уценета. Имејлите кои ги добивам се мешавина од антисемитизам, расистичка омраза кон Ерменците, сексуални насилнички фантазии и националистички мегаломании.
Што мислите за организациите како што е Унијата на европско-турски демократи (УЕТД)? Која е целта на таквите групи во Германија и што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да очекува од нив?
Стратегија на УЕТД во Германија е да ја претстави нехуманата политика на Ердоган. На пример, еден од управниците на турскиот магазин „Заман“, кој е поставен по влегувањето на полицијата во просториите на овој весник, претходно беше генерален секретар на УЕТД. Ердоган ја користи оваа организација како дел од националистичка и исламистичка надворешна политика на Турција во Европа. Со оглед на ставот на УЕТД за фашистичките изјави на Ердоган, како и за забелешките на пратениците од турско потекло во Бундестагот да им се земе крв за да се провери нивното потекло, се поставува прашање дали таа организација сѐ уште делува во земја во која важи германскиот Устав.
Што мислите за Турско-исламската унија (ДИТИБ)? Како оваа организација на муслимански заедници помага во мобилизацијата на граѓаните да го поддржат Ердоган?
Контролата на турските џемати во Германија од страна на турската влада води кон тоа тие сѐ повеќе да се злоупотребуваат како мегафони на деспотската политика на Ердоган. Така не чуди што тие здруженија учествуваа на демонстрациите на оние кои негираат геноцид. Тоа нема врска со верската слобода. Ердоган очигледно ги инструментализира тие здруженија за да етаблира еден многу опасен вид исламизам, кој е спротивен од основните човекови права.
Дали во Гермнаија постојат други групи кои му се блиски на турскиот претседател?
Радикалната муслиманска организација Мили Горус, турска варијанта на Муслиманските браќа му е блиска на Ердоган. Постојат турски економски кругови кои оркестрираат кампања против пратениците во германскиот парламент. Во смисол на националистичка мобилизација се споменуваат и фашистичките Сиви волци. Сега имаме работа со непознато мобилизирање на националисти, фашисти и исламистички кругови кои сакаат насилничката политика на Ердоган да ја етаблираат во Германија. Германската влада ваквите случаи ги прима молчешкум. Се плашам дека Германија за тоа горко ќе плати.
Како Ердоган во Германија влијае на луѓето од турско потекло?
Со оглед дека многумина од нив добиваат информации преку турските медиуми, кои во меѓувреме се под контрола на Ердоган, влијанието е многу големо. Ако џематите, со кои управува Ердоган, сакаат да извршат политичко влијание, тогаш на критичките медиуми им е тешко да дојдат до израз. Тоа значи дека милиони луѓе тука во Германија се изложени на пропагандата на Ердоган. Германската влада на тоа воопшто не обрнува внимание.
Како Ердоган профитира од поддршката која му стигнува од Германија и од Европа?
На Ердоган пред сѐ му се потребни гласовите на избирачите од Германија. Освен тоа, сака да го прошири своето политичко значење. За да го постигне тоа, во Германија се обидува да ги инструментализира луѓето од „турско потекло“, за да може критичарите да ги држи на дистанца и за да може делотворно да им се закани, како што го прави тоа сега. Тоа пред сѐ го овозможува скандалозното однесување на канцеларката Ангела Меркел. За да го спаси својот беден европско-турски договор за бегалците, таа гледа на страна и прави отстапка по отстапка.
Дали верувате дека тој трик ќе му помогне на Ердоган да добие повеќе поддршка за својата партија (АКП) како и за политиката против Курдите?
Ердоган преговараше со ПКК и подоцна се одлучи да го запре мировниот процес бидејќи тоа му помогна за неговите планови за претседателска диктатура. Курдите не сакаа да соработуваат на неговиот авторитарен проект. Сега тој се обидува да ја криминализира курдската партија ХДП за да ги добие нејзините мандати и така да добие двотретинско мнозинство кое е потребно за промена на уставот. Краткорочно гледано таквата постапка му помага да добие поддршка од националистите и фашистите. Се плашам дека Ердоган сака да предизвика грѓанска војна за да ја осигура својата моќ. Само е прашање на време кога тоа семе ќе изникне и во Германија.
Севим Дагделен е пратеничка на партијата на Левицата во германскиот парламент од 2005 година. Од почетокот на 90-те години таа е членка на синдикатот и пред политичката кариера работела како новинарка.