Власта одмазднички го уривала објектот на Цаноски
27 февруари 2015Сега ќе го откриете вистинското лице на Никола Гриевски, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев најавувајќи уште 9 аудио снимки кои според него сведочат како премиерот и неговите најблиски соработници се подготвени да ги сотрат сите кои не размислуваат како него. Станува збор за разговори, според Заев, меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во кои премиерот дава насоки како да се сруши објектот „Космос“, милионска инвестиција на Фијат Цаноски. За да се сфати контекстот на времето и настаните неопходно е да се потенцира дека разговорите, според Заев, датираат во периодот на затворањето на А1 телевизија и апсењето на нејзиниот сопствениот Велија Рамковски. Таргетираниот во случајот, Фијат Цаноски е сват на Рамковски кој тогаш ја напушти владејачката коалиција и се приклучи на коалицијата на СДСМ.
Во еден разговор, за да се оствари замислената цел рушење на објектот, Груевски му предлага на Јанакиески да се смени Деталниот урбанистички план. Потоа се предомислува и предлага да се смени и Генералниот урбанистички план. Премиерот во еден разговор го сугерира и денот погоден за рушење на објектот- ден после изборот на новата влада. Но повторно се предомислува и му сугерира на Јанакиески рушењето да се спроведе на 1. август, кога почнува „фул сезона на годишни одмори“. Во шестиот разговор меѓу нив, го загрижува фактот дека судијка може да даде судски налог за забрана на рушењето, па Груевски му сугерира на Јанакиески да се јави кај „највисокиот“ во судот.
Потоа детално се интересира на кои начини ќе бидат извршени техничките подготовки за рушење на столбовите на објектот и изразува незадоволство што до тој момент било срушено многу малку: „Многу ситна штета е тоа“.
И во наредниот разговор кој продолжува друг ден со внимание ја следи работата на подготовките за рушењето и бара потврда дека до вечерта ќе биде завршен поголемиот дел од работата.
„Сега дојдоа од американска амбасада, загрижени за спроведувањето на законот. Заменик-амбасадорот прашува зошто вака, зошто така, па тој беше ваш пратеник сега е со СДСМ, тој го финансираше А1, и тврди дека е заради тоа. Јас велам па тој јавно призна дека имал грешка, амбасадорот вели 'Да призна, ама грешката била за еден метар'. Нели ти ми кажуваше дека била за цел спрат под земја“, го прашува Груевски министерот за транспорт.
Наредниот ден Груевски се интересира за медиумскиот третман на урнатиот објект: „Ако е зградата онеспособена како што кажуваш, да не продолжуваме нека си ја доруши сега сам“.
Е па терај, со динамит!
И во последниот разговор, Груевски го информира Јанакиески за разговорите со амбасадорот на ЕУ Питер Соренсен. „Му велам неформално да ми каже, освен ова за името со што ги нервираме во Брисел? Што им пречи кај нас? Вели и двете работи се поврзани со „Пајажина“. Вели едното е спроведување на правото, му велам дајте пример. Вели го рушите Фијат: 'Ако го рушите, рушете ги сите што се како Фијат, или не рушете никого'. Второ, вели дека се проблем медиумите. Добра регулација да направите за медиумите тоа ви го препорачувам, ми рече. И да ги сузбиете аргументите дека го рушите Фијат затоа што ви е политички противник и поддржувач на А1. И вака кога го кажува, држи вода да ти кажам“, му вели Груевски на Јанакиески. Министерот за транспорт веднаш го информира за објект во Гостивар кој се гради без одобрение. Груевски го завршува разговорот со препорака: „Е па терај, не чекај. Со динамит! И да биде тоа добро медиумски презентирано!“
На крајот на прес-конференцијата, Заев одговарајќи на новинарски прашања најави дека наскоро ќе бидат презентирани разговори кои сведочат за изборни фалсификати „какви што нормален човек не може ни да замисли“, а потврди и дека досега имале аудио снимки од шест прислушувани амбасадори на влијателни земји. Дополнително најави информации за затворањето на телевизијата А1, но и за тоа како Груевски преговарал за името.