1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабокиот пад на Доминик Штрос-Кан

Грета Хаман / Е.М. Фиданоска2 февруари 2015

Поранешниот шеф на ММФ и врвен француски политичар Доминик Штрос-Кан е повторно пред суд. Обвинет е за илегално организирање проституција. Ова не е негов прв секс-скандал.

https://p.dw.com/p/1EUIB
Фотографија: Ali Ngethi/AFP/Getty Images

Доминик Штрос-Кан речиси четири години раководеше со една од најважните светски институции - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Претходно беше француски супер-министер за економија и финансии, а на членот на Социјалистичката партија во 2011 година се чинеше како на дофат да му е и функцијата претседател на Франција. Професорот по економија кој зборува повеќе јазици, како популарен политичар, во текот на светската финансиска криза беше славен како „лекар на светската економија“. Негова последна задача беше советник на владите ширум светот.

Но неговата вртоглава кариера беше постојано следена и од скандали. Уште во 2008 година, на почетокот на неговата функција директор на ММФ, тој предизвика возбуда со аферата со своја соработничка. Жената непосредно потоа го напушти ММФ со меѓусебна согласност, а Доминик Штрос-Кан, во Франција познат како „ДСК“, работи на својот извонреден имиџ во институтцијата и наскоро важи за еден од највлијателните луѓе во светот.

Штрос-Кан со лисици на рацете

Во мај 2011 година го доживува првиот голем удар. Њујоршката полиција го апси Штрос-Кан, кој веќе седи во авион за Франција, и со лисици на рацете подоцна го изведува пред претставниците на медиумите. Сликата на обвинетиот Штрос-Кан го обиколува светот. Собарката Нафисату Диало во лускузниот хотел „Софител“ го обвини Штрос-Кан дека ја принудил на орален секс. Освен тоа, тој наводно се обидел и да ја силува. Тогашниот директор на ММФ е ставен во истражен затвор. Неколку дена подоцна тој се повлекува од врвната функција во ММФ, но притоа нагласува дека е невин.

Dominique Strauss-Kahn Verhaftung
2011 година: Доминик Штрос-Кан е уапсенФотографија: picture-alliance/dpa

Истрагата во меѓувреме продолжува, Штрос-Кан не смее да ги напушти САД и со помош на кауција успева да замине во домашен притвор во апартман во Њујорк. Таму минува шест недели. Во јули 2011 година го слави укинувањето на домашниот притвор со посета на скап ресторан. Кривичниот процес против него е запрен поради сомневање во вредостојноста на сведокот. Цивилниот процес Штрос-Кан го завршува со вонсудска спогодба со Диало на крајот на 2012 година.

Во септември 2011 година ДСК првпат се враќа во Франција. Се чини како неговиот имиџ да е исчистен од дамките, а некои дури бараат Штрос-Кан повторно да се врати во трка и да се кандидира на претстојните претседателски избори во земјата. Но само што се врати во Франција, повторно се покренати обвиненија против него за сексуално вознемирување. Овојпат обвинувањата доаѓаат од млада новинарка. Таа тврди дека Штрос-Кан во 2002 година ја вознемирувал за време на едно интервју.

Секс-забави во лускузен хотел

Непосредно потоа француското обвинителство отвора истрага и за друг случај. Притоа во фокусот се секс-оргии и снабдување со „кол-девојки“. Менаџерот и ПР-ополномоштеникот на луксузниот хотел „Карлтон“ се обвинети за организирање проституки за гостите во хотелот. Во текот на истрагата се појавува и името Штрос-Кан. Откриена е мрежа на организирани секс-забави, меѓу другото и во Париз, Вашингтон и Лил.

Dominique Strauss-Kahn in Serbien 17.09.2013
Советник на влади: Штрос-Кан во Србија во септември 2013 годинаФотографија: Reuters

Штрос-Кан во 2002 година мора да оди два дена во притвор. И против него е отворена истрага во март истата година. Обвинението гласи „организирање проституција“. Иследниците се уверени дека Штрос-Кан уште како шеф на ММФ бил „клучен“ за забавите и гласел за „крал на забавите“. Наводно и тој учествувал во организацијата на забавите. Штрос-Кан признава дека присуствувал на забавите, но тврди дека не знаел оти жените се проститутки.

Обвинителството во јуни 2013 година бара запирање на истрагата. Сепак, судиите покренуваат обвинение со оглед на тоа што се сомневаат во веродостојноста на ДСК. Покрај поранешниот политичар, на обвинителна клупа се уште 13 други лица. Уште истата година од Штрос-Кан развод бара неговата трета жена, Ан Синклер. Судскиот процес почнува денеска (2.02), а би требало да трае три недели.