1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виртуелни армии го оживуваат стравот од Голема Албанија

Катерина Блажевска8 ноември 2014

МВР треба да ја зајакне безбедносната превенција и да ги расветли инцидентите, за да престане ѕвечкањето со оружје, подигање на меѓуетнички тензии и дестабилизирање на Македонија, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1Dj4z
Фотографија: DW/N. Velickovic

Провокации, подземни политички игри или најава за поголема дестабилизација? Ова се дилемите што ја окупираат и загрижуваат јавноста, откако таканаречена „Национална ослободителна армија“ (НОА) ја презеде одговорноста за нападот врз зградата Владата на 28 октомври, преку коминике испратено до националната телевизија Алсат-М, а потпишано од извесен Куштрим. Случајно или не, на ова соопштение му претходеа изјави дека 250 припадници од гардата на т.н. „Република Илирида“ веќе патролираат како извидници во неколку градови на Македонија. Денес се шират различни прогнози и оценки околу веродостојноста на НОА и на „гардистите“. Дел од аналитичарите во нив гледаат драмолетки со краткорочни цели, други недостиг од безбедносна превенција, трети сигнал дека се интензивира проектот Голема Албанија. Но, сите се едногласни дека обврска на МВР е што поскоро да ги расчисти сите случаи.

Аналитичарот Љуљзим Хазири е уверен дека наводните гарди и соопштенија се само виртуелна реакција на актуелни настани.

„Станува збор за виртуелна војна и за невидена леснотија со која медиумите пренесуваат информации, без да ги проверат во согласност со професионалните стандарди. Да не заборавиме, дека сето ова се случува во време кога полицијата заедно со инспектори од Управата за јавни приходи во енормно голем број се присутни во контрола на бизнисите на Албанците, при што затвораат голем број трговски и угостителски објекти, но и во време кога МВР е немоќно да ги расчисти случаите со нападот на зградата на Владата, и покрај тоа што се случува по вторпат“, вели Хазири.

Инцидентите се регионализирани

Во коминикето на НОА се вели дека таа не е задоволна од досега реализираното според Охридскиот рамковен договор и дека Албанците во Македонија се обесправени. Акцијата наводно ја извела нивната единица „Хасан Приштина“, цели биле зградата на Владата, на Судот, а биле предвидени акции и врз полициски станици, но наводно биле откажани за да се избегнат човечки жртви.

Владимир Пивоваров, професор и поранешен шеф на военото разузнавање, смета дека ваквите настани во голема мерка влијаат на можното нарушување на безбедносната состојба во Македонија, но и во регионот.

„Прогласувањето на т.н. Република Илирида како заокружување на проектот т.н. Голема Албанија, не беше сериозно сфатен од безбедносните и политичките структури во Македонија. Потоа, пред десетина дена, беше гранатирана зградата на владата на РМ. Од властите овој акт беше прогласен за терористички напад. Но, од друга страна, ако актот беше извршен од терористичка организација, според светската практика таа организација испраќа коминике до владата кон која е тоа насочено во рок од 24 часа, изразувајќи ги своите намери и побарувања од нападнатата страна. Збунува податокот што дури по поголем временски период се огласи наводниот извршител, што може да претставува негова самопофалба, но може и да е вистинскиот извршител. За тоа одговор треба да дадат безбедносните служби, бидејќи истрагата е во тек. Со исти проектили пред неколку месеци беше гранатирана судската палата, а такви проектили беа пронајдени во дворот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, што укажува на исти сторители“, укажува Пивоваров. Тој смета дека отсуството на реакција од безбедносните служби на спречување на ваквите противзаконски дејства ги охрабрува сторителите, а уште повеќе ја усложнува безбедносната состојба. Од анализата на настани во регионот, тој заклучува дека во последните месеци се интензивира туркањето на проектот Голема Албанија.

Fußballspiel Belgrad Albanien Serbien Ausschreitungen Drohne
Инцидентот во Белград се случи на средината од октомвриФотографија: Reuters/Marko Djurica

„На стадионот во Белград пред светската јавност се внесе знаме со картата на Голема Албанија, а не слушнавме осуда од меѓународниот фактор. Минатата недела црногорските медиуми го обелоденија писмото на поранешен затвореник кој од владите на Србија, Црна Гора, Македонија и Грција бара отстапување на териотории каде живеат Албанци, со цел формирање на етничка држава. Настаните кај нас и во регионот упатуваат на јавно интензивирање на наведниот проект, кој за жал го усложнува и така кревкиот меѓуетнички соживот на овие простори, што во овој момент на тешка економска состојба најмалку ни е потребно. Туркањето на проблемите под тепих може да доведе до далкусежни несакани последици. Ниту се свика Советот за безбедност, ниту имаме реакција за претходните случувања што би требало да упатува на стабилна безбедносна состојба, но за жал на терен не е така. Поучени од искуството од 2001 година, не треба да се дозволи да се дојде во таква ситуација“, предупредува Пивоваров.

Експерти потсетуваат дека такво преземање одговорност од таа група имало и другпат, но досега не е потврдено дали се работи навистина за некаква организирана формација или за маргинализирана група со криминално и воено минато. Од МВР велат дека ќе ги проверат наводите, па потоа ќе излезат со официјални информации.

Тензиите како трејд-марк на Владата

Додека МВР истражува, и гардистите на Илирида ја уверуваат јавноста во својата веродостојност и присутност на тернот. „Република Илирида“ со декларација јавно беше прогласена на 18 сепtември годинава. Уште пред нејзиното „прогласување“, беше најавено дека за гененерал на националната гарда е номиниран Хамди Ндрецај - командант Пантер. Тој во септември ја повика владата на „ПЈРМ“ да не го предизвикува албанскиот народ, да не провоцира и да не се противи на неговото право на самоопределување. Деновиве, за некои медиуми потврдил дека се точни информациите оти „луѓето кои патролираат во црни униформи“ се дел од гардата на Илирида.

„Сите тие се на територијата на Илирида, со исклучок на Битола и Прилеп. Но, да речеме вака - припадниците на Гардата моментално се лесно наоружани и се во својство на извидници“, изјавил Ндрецај.

Symbolbild Polizei Mazedonien
МВР ќе излезе со официјални информации откако ќе заврши истрагатаФотографија: MIA

Аналитичарот Арсим Зеколи вели дека сега не треба да се драматизира и да се паничи, но смета дека е потребно да се зајакнат механизмите на превенција, со фокус врз економијата, политиката и за што помалку ѕвечкање со оружје. Но, укажува и на неколку коинциденции кои се случуваат паралелно со појaвата на наводната НОА.

„Нивното соопштение се објави денес, рано наутро, по полициските акции во Тетово, Скопје, Куманово и непосредно пред најавените масовни протести во Тетово против загадувањето од страна на ’Југохром’. Исто така, коинцидира со тековните избори за претседатели на партиските ограноци на ДУИ во Тетово, Скопје и внатрешните, дури и физички, судири меѓу 'командантските' и 'писмените' крила. Како по правило, ваквите тензии најчесто се совпаѓаат и со патувањата на премиерот Груевски надвор од државата, со најавите за преговори за името, со заканите за скандал-бомби од опозицијата и. т.н. Критичките извештаи од ЕК и блокадата за членство во НАТО го скусија репертоарот на Владата за давање привид дека се движиме кон нешто, за да се затскрие сеопштата стагнација. Тој вакуум мора да се надополни со нешто што ќе го одвлече вниманието на граѓаните. А тоа подразбира создавање почва за промоција на дефанзивни политики преку продлабочување на внатрешните проблеми, најчесто тензии од меѓуетнички карактер, што е веќе своевиден трејд-марк на домашните политики“, оценува Зеколи.

Mazedonien - Land und Leute
Треба да се зајакнат механизмите на превенција, смета ЗеколиФотографија: DW

За него е многу индикативен молкот на ДУИ и ДПА за соопштението на НОА, „имајќи ја предвид нивната 'хистерија' секогаш кога ќе се појави некоја нова политичка партија или движење која ја сметаат за своја загроза, без разлика дали е тоа Руфи Османи, Зијадин Села или сегашната 'Беса'“. Зеколи потенцира дека за разлика од нив, веќе се огласиле поранешни борци на ОНА, политичари и лица познати по својот критички однос кон ДУИ и ДПА, кои речиси едногласно изразуваат сомнеж во мотивите на новата формација и ги повикуваат Албанците на резервиран однос кон соопштенијата и повиците за подршка.

„Кога тврдогаво и со години инсистирате на политика на манипулирање со етничките тензии и создавање атмосфера на недоверба и омраза, тогаш појавите на вакви формации не се изненадување, туку сосема очекувана последица. А таа атмосфера со години се создава координирано токму од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Појава на вакви феномени во затворени, автократски режими, воопшто не е инцидентно, туку општо познато правило. Таа манипулација најчесто завршува во стилот 'од играчка - плачка'. Искуствата од 90-тите години се јасен потсетник кон што може тоа да води. Посебно во општества како нашето, со огромен број на млади невработени, катастрофално длабок јаз помеѓу богатите и сиромашните и со промоција на криминалот како модел и имунитетски механизам за лична политичка промоција и успех. Најголемиот проблем е практиката воспоставена од оние кои со своето неодговорно, провокативно и криминално однесување станаа идоли и модел за илјадници домашни десперадоси“, констатира Зеколи.