Ветер в грб од Брисел за победa на Косор на изборите
16 септември 2011Документот на триесет страници подготвен од КОРЕПЕР, одборот на постојаните претставници од ЕУ, треба да го прифатат Комисијата и Парламентот. На овој текст ќе се додадат технички прилагодувања и на крајот ќе се здебели на 500 страници. Но, клучното прашање е кога ќе се потпише овој договор.
Полјаците, како претседавачи со Унијата, сакаат договорот да се потпише на втори декември во Варшава. Другата можност е договорот да се потпише на петти декември, ден по парламентарните избори во Хрватска, а третата можност е потпишувањето да се случи на деветти декември за време на состанокот на врвот на ЕУ. Во првите два случаи, договорот од европска страна ќе го потпишат претставници од понизок ранг. Но, од хрватска страна ќе се потпише целиот државен врв – претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи и главниот преговарач со Унијата.
Капитализирање на потписот
Иако Европската народна партија е најбројната и најсилната струја во Европскиот парламент и ја поддржува својата сестринска партија ХДЗ, од Брисел секогаш нагласуваа дека тие не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на една земја кандидатка, а посебно не кога се работи за одлуки што паѓаат во чувствително време во очи на парламентарните избори. Претседателот на Европскиот парламент, Јeжи Бузек, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо и полскиот премиер, Доналд Туск никогаш не сокриваа дека хрватската премиерка Јадранка Косор ја сметаат за една од најзаслужните за завршувањето на пристапните преговори.
Затоа потпишувањето на пристапниот договор би можело да се случи не само по парламентарните избори што се одржуваат на 4 декември, туку е можно договорот да се потпише и непосредно пред почетокот на изборниот молк, а со тоа премиерката Косор и нејзината партија да се обиде да го капитализира потписот во самата завршница на изборната кампања.
Потпис во Брисел или во Полска?
Тешко е да се прогнозира, но веројатно е потписот да падне во Брисел во рамките на декемврискиот состанок на врвот на ЕУ, иако Полска повеќе ја преферира Варшава или Краков. Прашањето е дали земјите членки ќе сакаат да издвојат ден за да дојдат на потпишување на договорот во време на длабока должничка криза, иако тоа е една од ретките добри вести за ЕУ во минатите неколку бурни месеци.
Потпишувањето на 9-ти декември во Брисел им одговара на многумина, бидејќи тогаш може на Србија да и’ се додели статус на кандидатка и евентуално да добие датум за почеток на преговорите, како и да се одреди датум за почеток на преговорите со Црна Гора, а можеби дури и со Македонија.
Хрватска влегува во Унијата на 1 јули 2013-та година, а до тогаш пристапниот договор треба да го прифатат сите 23 земји членки. Дури потоа Хрватска може да стане 28 членка на ЕУ.
Автор: Ален Леговиќ/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска