Вербална војна меѓу Атина и Берлин
13 март 2015Сака да зададе удар, но не сака и да прими удари - и покрај лежерниот настап во кругот на министрите за финансии на еврозоната, Јанис Варуфакис во меѓувреме реагира исклучително чувствително. „Господин Шојбле ми рече дека сум ја загубил довербата на германскаа влада“, објасни тој за „Мега ТВ“. „Му реков дека никогаш и сум ја немал, туку дека имам доверба од грчкиот народ.“ Варуфакис во Берлин веќе направил дипломатски чекори за да се жали на наводно поценувачките изјави на Волфганг Шојбле пред новинарите во Брисел, дадени по средбата на Еврогрупата неделава.
Германскиот министер за финансии се спротивстави со зборовите: „Не, не го навредив мојот грчки колега.“
Се чини нервите се кинат. Грчкиот министер за финансии Варуфакис повторно ја критикува Европската централна банка (ЕЦБ): „Мислам дека ЕЦБ кон нашата влада води политика која не и‘ дозволиува да дише.“ Минатиот викенд премиерот Алексис Ципрас во интервју за „Шпигел“ веќе ја обвини ЕЦБ дека во раце го држи „јажето кое ни е околу вратот“.
Претседателот на Бундесбанката Јенс Вајдман, наспроти тоа, смета дека не е вина на ЕЦБ што Грција нема пристап кон финансискиот пазар. И покрај обвинувањата од Атина, ЕЦБ не ја затвора славината со пари. Таа вчера донесе одлука за зголемување за околу 600 милиони евра на ЕЛА-помошта со која грчките банки одржуваат ликвидност.
Сириза како пример?
Ескалација на обвинувањата е забележителна на двете страни, оценува новиот грчки почесен амбасадор и поранешен европски политичар од редовите на либералите, Јорго Шацимаркакис. Владата во Атина од страна на Берлин се држи „свесно со глава под вода“, по што доаѓаат контрареакции, вели тој. Во еден текст во „Фокус“ Шацимаркакис дури зборува за вистински мобинг врз Варуфакис. Тоа е динамика која „сега никому не му е од помош“. Зашто, мора да се земе предвид што ќе се случува од јули натаму. Тогаш, имено, истекува последниот пакет мерки за помош кој Грција го доби пред две недели, а земјата, како што се смета во ЕУ, и натаму ќе има потреба од милијарди евра помош. Затоа не е добро, нагласува Шацимаркакис, „ако сега се затруе климата“. Дали Шацимаркакис со тоа ги критикува Атина, Берлин или двете страни, останува отворено. И тој е приврзаник на теоријата на заговор која кружи во моментов: „Сириза треба да стане пример, таа треба да се направи смешна, за останатите (избирачите во Шпанија и Португалија) да бидат предупредени да не прават таков експеримент.“
Грчката јавност е свесна за она што се сака да се каже меѓу редови, како на пример, кога Волфганг Шојбле во Брисел консеквентно и натаму зборува за „Тројка“, објаснува Шацимаркакис. Притоа, преименувањето во „институции“ за Сириза е важно. Со продолжувањето на пакетот за помош Атина мора сепак да прифати дека Тројката повторно почнува со работа. Во средата во Брисел се одржаа првите политички разговори меѓу претставниците на ЕЦБ, ЕУ и ММФ во последните пет месеци. Финансиските експерти кои треба да ја проверат касата се повторно во Атина. Но, според извештаите, тие немаат пристап до министерствата, туку мораат да работат во хотел со УСБ-стикови. Почесниот амбасадор моли за разбирање и вели дека мора да се земе предвид историјата на политиката на Тројката. Нејзините методи и резултати во минатото не биле секогаш најдобри, објаснува Шацимаркакис. Освен тоа, постојано е присутен и проблемот со барањата за репарации од Втората светска војна, додава тој. Според него, низа германски влади со децении вешто го заобиколувале ова прашање.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во меѓувреме патува низ Европа во потрага по поддршка. Тој вчера ја посети Организацијата за економска сорбаотка и развој (ОЕЦД) во Париз и се обиде да увери дека „нема причина за загриженост“ што се однесува до платежната способност на Грција. „Ние ја вршиме нашата работа, го правима она што е договорено.“ Сепак, меѓу делови од Еврогрупата и Атина има недоверба која мора да се надмине, оцени тој.
Истовремено, Цирпас за својата земја побара социјално праведни реформи. Денеска Ципрас во Брисел разговара со претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер и претседателот на ЕП Мартин Шулц. „Тој сака да создаде пријателска клима“, објаснува Шацимаркакис и се колне дека Грција ќе успее да му ги отплати на ММФ ратите за камати и рефинансирање, кои мора да се порамнат уште овој месец, односно 335 милиони евра денеска, 558 милиони евра на 16 март и 335 милиони на 20 март. Освен тоа, Атина во овој период мора да рефинансира и 1,3 милијарди од краткорочни државни обврзници. На прашањето дали владата навистина има доволно пари за да издржи во наредниот период, Шацимаркакис одговара не толку сигурно: „Не знам. Се надевам.“