1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вахабистите во БиХ меѓу законот и „верата“

Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев5 септември 2014

Босанската Државна агенција за истраги и заштита (СИПА) уапси најмалку 16 лица осомничени за тероризам, меѓу кои и водачи на вахабистичката заедница. Кои се луѓето кои се подготвени да го жртвуваат својот живот?

https://p.dw.com/p/1D6vc
Фотографија: Feđa Krvavac/klix.ba

Вахабизмот немаше упориште во БиХ се’ до војната во 90-ите години, кога во оваа земја пристигнаа и муслимански борци од арапските земји. Се верува дека во Босна и Херцеговина беа присутни околу 2.000 арапски муџахедини, односно „свети војници“. По војната некои од нив одлучија да останат во БиХ, каде добија и државјанство. Со помош на арапски донации почнуваат да го шират вахабистичкото толкување на исламот.

Нивните следбеници од БиХ, како што е Хусеин Босниќ од Бужим, практикуваат исклучително милитарни навики, ги повикуваат муслиманите на џихад, односно на „света војна“ во арапските земји. Босниќ, познат и како Билал, е еден од водачите на вахабистичката заедница во БиХ и наводно ги повикувал младите од оваа земја да им се приклучат на вооружените групи на „Исламската држава“.

Безбедносните служби на БиХ собираат информации за заминување на босански државјани во странските боишта уште од избувнувањето на судирите во Сирија и Ирак. Но, прецизни податоци за нивниот број нема. Во средата (03.09.) во повеќе босански градови беше спроведена акција на СИПА под шифрирано име „Дамаск“, во која беа уапсени 16 лица, кои меѓу другото се осомничени и за тероризам и врбување на граѓани за одење на боиштата во Сирија и Ирак.

EINSCHRÄNKUNG Verhaftung von Bilal B. mutmaßlicher Islamist Bosnien und Herzegowina
Апсењето на Хусеин БосниќФотографија: Feđa Krvavac/klix.ba

Вахабии од БиХ на странски боишта

Професорот на сараевскиот Факултет за политички науки Владо Азиновиќ вели дека војната во Сирија во текот на минатите три години привлече околу 12.000 странски доброволци од околу 80 држави.

„Се претпоставува дека од БиХ досега за Сирија заминале меѓу 150 и 160 мажи, 20-ина жени и уште неутврден број на деца. Добар дел од нив се вратил, 20-ина загинаа, а дел воопшто нема намера да се врати. Против таквиот феномен тешко е да се борите само со криминализација и полициска репресија. Неопходно е да се развие усното информирање на луѓето, да се засили улогата на семејството, социјалните служби, образовните институции, медиумите, верските заедници за на еден осумнаесетгодишник да не му биде привлечно да оди во Сирија – земја која веројатно не знае ни да ја покаже на картата, и во конфликт кој не го разбира“, вели Азиновиќ за Дојче веле.

Moschee in Sarajevo
Вахабистите во 2007 година се обидоа да ја заземат Царевата џамија во СараевоФотографија: DW/S. Huseinovic

Политичарите во БиХ се воздржани од коментари. Професорот Азиновиќ верува дека акцијата „Дамаск“ имала за цел да придонесе кон меѓународните напори да се прекинат каналите за снабдување со пари, оружје и доброволци од милитарната група „Исламска држава“.

Опасноста е присутна и на социјалните мрежи

„Таа група, од која се згрозува огромно мнозинство од муслиманите, го узурпираше правото да прогласува калифат и во нејзините редови има луѓе од БиХ, кои исто така учествуваат во бруталното насилство против неистомислениците и се подготвени да загинат за остварување на утопијата во која веруваат. Нивните активности на социјалните мрежи, снимките од боиштата, кои ги ставаат на интернет, веќе служат како инструменти за радикализација на младите и дезориентирани луѓе во БиХ“, вели Азиновиќ.

Акцијата „Дамаск“ се спроведува по наредба на судот и Обвинителството на БиХ, чии претставници тврдат дека во рамки на истрагата се остварени „значајни меѓународни соработки“. Портпаролот на Обвинителството на БиХ, Борис Грубешиќ, вели дека полициските агенции ќе продолжат со следење на организациите и поединците, кои можат да се поврзат со терористичките активности. Детали нема „во интерес на истрагата“.

Осуда од Исламската заедница

Исламската заедница во БиХ нема сознанија за евентуални врски на вахабистите од БиХ со исламските центри во други земји. Раководителот на канцеларијата за односи со јавноста на Ријасетот на ИЗ на БиХ, Екрем Тусаковиќ, за Дојче веле го повтори ставот на ИЗ дека е „неприфатлив секаков вид на насилство и загрозување на животите на невините луѓе“.

EINSCHRÄNKUNG Verhaftung von Bilal B. mutmaßlicher Islamist Bosnien und Herzegowina
Во последната акција ширум БиХ се уапсени 16 лицаФотографија: Feđa Krvavac/klix.ba

Реис ул Улема Хусеин ефенди Кавазовиќ во една прилика рече: „Браќа и сестри, потребна ни е вода за да го гаснеме огнот, а не бензин за да го распламтиме“. „Ги повикувам претставниците и службениците на различни организации од муслиманските земји, на кои им понудивме гостопримство во нашата татковина, да се воздржат од работа со која би можеле да го повредат гостопримството кое им е дадено“, рече Реис ул Улема Хусеин ефенди Кавазовиќ. Тој уште во 2013 година, поради крвопролевањето во Сирија, „најостро ја осуди злоупотребата на принципите на исламот за остварување на политички или какви било други интереси и цели“.

Сараевските вахабисти не се расположени за разговор за одењето на босанските државјани во боиштата во Сирија и Ирак. Сепак, под услов да останат анонимни, некои од нив го осудија насилството кое се спроведува на Блискиот Исток во име на верата. Поединци имаат разбирање за помошта на „браќата во неволја“, ама не и за злосторствата и дивеењето врз заробениците и немоќните цивили, што го прават припадниците на „Исламската држава“.