1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Варуфакис: „Горд сум на Ангела Меркел!“

Андреас Бекер/БГ30 октомври 2015

Поранешниот грчки министер за финансии не е повеќе на функција, но и натаму е активен во политиката. Со книги, предавања и говори, Варуфакис се надева дека ќе влијае врз дебатата за иднината на Европа.

https://p.dw.com/p/1Gwzy
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

ДВ: Г-дине Варуфакис ја напишавте книгата „Време за промени“ во која се обидувате да и ја објасните економијата на вашата ќерка-тинејџер. Зошто?

Да бидам искрен со вас- мојот издавач го сугерираше тоа и звучеше како добра идеја. Доколку не можете да му ги објасните комплицираните идеи на тинејџер на начин кој е разбирлив и информативен, тоа веројатно значи дека и самите не сте ги разбрале тие идеи. За мене тоа беше на некој начин и тест да видам дали можам да го направам тоа и притоа да им дадам можност на возрасните да се задскријат зад детскиот наратив и да бидат информирани за поголеми, многу значајни прашања.

ДВ: Во Грција се чини работите повторно се компликуваат. Земјите од еврозоната не се задоволни со брзината на грчките реформи и се закануваат да ја одложат натамошната помош. Како ќе и објасните на вашата ќерка дека и покрај сите кризни самити, грчката ситуација не се смени многу?

А, па тоа не е тешко. Сите можеме тоа да им го објасниме на своите деца, и себеси. Доколку некој банкротира, а вие сакате да се преправате дека тоа не се случило, па му позајмувате повеќе пари, за на тој начин со нови заеми да ги исплати старите. Доколку дополнително, му наметнете и услови кои ќе го намалат неговиот приход, тогаш дури и осумгодишно дете знае дека тоа не може да заврши добро.

Griechenland Yanis Varoufakis und Alexis Tsipras
Јанис Варуфакис и Алексис ЦипрасФотографија: picture-alliance/dpa/O. Panagiotou

Ципрас нема да успее

ДВ: Грчкиот премиер Алексис Ципрас вети дека ќе ги имплементира реформите кои беа договорени со програмата за спас. Што очекувате во следните месеци и години?

Ципрас нема да успее, и тој тоа го знае. Поднесов оставка затоа што не бев подготвен да се потпишам на реформска програма која е невозможно да се имплементира. Ципрас јасно кажа дека бил принуден да ја прифати програмата, иако и самиот не верува дека може да биде имплементирана. Сега ја имаме оваа смешна ситуација во која сите играчи- вклучително и Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка, германската и грчката влада- сите се преправаат дека имплементираат програма за која знаат дека не може да биде реализирана. Одбив да учествувам во такви играрии, и затоа поднесов оставка.

ДВ: Доколку се присетите на вашето време на функцијата, дали нешто би направиле поинаку?

Доколку одговорам со „не“, тоа ќе значи дека сум фанатична будала и многу опасна личност. Секако дека постојат многу нешта кои би ги сторил поинаку. Но основната позиција беше коректна- не би потпишал уште еден заем во кој јас, од името на грчкиот народ, би прифатил уште една голема сума од европските даночни обврзници, без претходно да бидат реструктуирани грчкиот долг и грчката социјална економија, што би ни овозможило повторна солвентност.

Европа мора да се промени

ДВ: Вашата книга се вика „Време за промени“, а на некои конференции на кои говоревте го повторувавте слоганот „Поинаква Европа е можна“. Не успеавте да донесете такви промени додека бевте на власт. Зошто мислите дека тоа сега може да се оствари?

Имавме шанса. Не ја искористивме на најдобар начин. Но Европа е многу поголема од нас- од Ципрас, од мене, од Грците. И Европа мора да се менува. Сегашните институции во Европа и особено во еврозоната се неодржливи. Создадовме монетарна унија без влада, но со централна банка која зад себе нема сојузна влада која би ја поддржувала. А имаме национални влади без централни банки кои би ги поддржувале. Ова е ужасна конструкција.
Единствениот форум во кој се носат одлуки на европско ниво е еврогрупата, која, како што ми беше јасно предочено, е неформална група која не е институционализирана ни во основните европски договори. Затоа постои итна потреба за драстични промени. И доколку не ја поведеме таа дебата демократски и низ дијалог, нештата едноставно ќе ни се случат, и тоа ќе биде ужасна промена на полошо.
Ние немаме форум каде би имале издржана расправа за овие прашања. Затоа добиваме авторитарност и обид да се наметнат правила кои се надминати од реалноста. Резултатот е дефлаторна Европа која е болниот човек на светската економија, што е лошо за Европејците, но лошо е и за светот.

Griechenland Flüchtlingsboot vor Lesbos
Бегалски брод пред грчкиот остров ЛезбосФотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

ДВ: Германија најверојатно нема да успее да одржи балансиран буџет поради трошоците за бегалците. Имајќи ја предвид тврдата позиција на Германија во преговорите со Грција изминатото лето, што мислите за нејзината актуелна политика кон бегалците?

Како Европеец, многу сум горд на канцеларката Меркел за нејзиниот принципиелен став во однос на прашањето за бегалците. Ова е пример колку се погрешни критиките кон Германија како извор на проблемите во Европа, кои преовладуваат не само во Грција, туку и во Франција, Италија и Шпанија. Верувам дека ставот на канцеларката Меркел може да биде предвесник на добрите нешта кои ќе дојдат во Европа. Кога некој кој е гладен, повреден, прогонет, ќе тропне на вашата врата, вие имате морална обврска- и мислам дека канцеларката Меркел го разбира тоа- да ја отворите вратата, без оглед на цената, и да го примите. Правејќи го тоа, ние уште еднаш го потврдуваме нашиот европски хуманизам.

Јанис Варуфакис е економист, поранешен грчки министер за финансии и експратеник во грчкиот парламент. Неодамна ја издаде книгата „Време за промени. Разговори со мојата ќерка за економијата“.