Вардарки без финале
4 мај 2014Ракометарките на Вардар, во трилер натпревар загубија од Будуќност со 22:20, по продолжението, откако мечот во регуларниот дел заврши со резултат 16:16. На двете екипи им припадна по едно полувреме од регуларниот дел на натпреварот. Будуќност, односно одбраната на Црногорките им создаде многу проблеми на македонските шампионки. Вардарки во нападот делуваа безидејно и анемични. Таквиот развој на настаните Будуќност максимално го искористи и по првото полувреме стигна до предност од 11:5.
Второто полувреме се одвиваше по исто сценарио, само што во главана улога беа ракометарките на Вардар и голманката Амадин Лејно.
Предводени од Лејно, избраничките на Кастратовиќ трпеливо ја топеа предноста на противничките, стигнаа до израмнување во 27-та минута (16:16). Овој резултат не се менуваше до истекот на 60-та минута по што натпреварот замина во продолжение.
Во екстра времето, Будуќност отвори со два на Петровиќ и на Неагу, на што возврати Пино.
Неагу од седум метри погоди за Будуќност, ударот на Пино го одбрани Волтеринг, а во следниот напад Цвијиќ погоди за предност на Будуќност од три гола по првото продолжение (20:17).
Второто продолжение започна со одбраната на Лејно и голот на Лекиќ. Потоа Неагу доби исклучување, а Николиќ од седум метри погоди за намалување на предноста на Будуќност на само еден гол.
Во следниот напад одново беше суден седмерец за Вардар, а сигурен реализатор беше Николиќ за 20:20. На истекот на 67-та минута Петровиќ реализира удар од седум метри, потоа Лекиќ направи прекршок во напад, а Биздра на 45 секунди до крајот го постави конечниот резултат. Вардарки, денеска , против Митјиланд ќе се борат за третото место, додека Будуќност против Ѓер во финалето во Будимпешта ќе игра за титулата европски првак.