1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бура“ - 19 години потоа

Драган Максимовиќ / Е.М.Фиданоска5 август 2014

Воената акција „Бура“ траеше од 4 до 7 август 1995 година. Во Република Српска и во Србија се проценува дека во „Бура“ и потоа се убиени или исчезнати околу 2 илјади Срби, а протерани се околу 220 илјади.

https://p.dw.com/p/1Cp2C
Споменик на загинатите во „Бура“Фотографија: DW/D. Maksimovic

Според податоците на здруженијата на Србите избегани од Хрватска во војната во 1990-тите, но и според официјалните податоци во Бања Лука и Белград, околу 220 илјади граѓани од српска националност се протерани од своите огништа во воената акција „Бура“ во 1995 година. Од тие бегалци, најголемиот дел Срби остана да живее во Бања Лука и Белград, а голем број замина и во други европски земји.

„Дојдовме голи и боси во Бања Лука и денес сме бездомници. Се‘ загубив во Бенковац, каде и денес имам голема куќа, но не можам да дојдам до нејзе. Немам право на враќање на куќата, зашто Хрватска донесе таков закон за на сите да им оневозможи враќање на имотот. Потстанар сум, не работам никаде, а не работи ни сопругата. Ова е тивко умирање. Овде останав зашто овој народ ми е некако поблизок. Не сакав да заминам за Србија, но попусто, не можам да остварам ништо. Ниту ресорното министерство не прави ништо за да не‘ заштити“, раскажува Миле Рујак од Бенковац, потсетувајќи се на протерувањето пред 19 години и километарските колони бегалци кои од тогашна Краина во Хрватска тргнаа на пат за Србија.

Dusan Radjenovic
Душан РаѓеновиќФотографија: DW/D. Maksimovic

Бараат имот иако го замениле

Таква е судбината на повеќето луѓе кои се протерани од Хрватска, а кои денес живеат на просторот на Босна и Херцеговина или Србија. Имотот претежно го замениле со Хрвати кои живееле на територија на Република Српска или Србија и потпишале договори кои денес не се признати од страна на хрватските власти, но нивните случаи не се решаваат во полза на бегалците ниту пред судовите во БиХ. Така тие луѓе денес се главно препуштени сами на себе. Еден од нив е Душан Раѓеновиќ, кој со семејството побегнал од Глина во раните утрински часови, на 5 август 1995 година, веднаш по почетокот на акцијата „Бура“. Тој останал во Бања Лука. Ја заменил куќата со едно хрватско семејство, кое денес си го бара имотот назад. Душан е немоќен:

„Семејството ми беше во колона, овде беше ужас, луѓето умираа. Кога дојдовме до Двор не‘ нападнаа. Побегнавме, останавме во Бања Лука, го заменивме имотот, но случајот е на суд. Ја обновивме таа куќа, но стариот сопственик сега си ја бара куќата назад. Ние потпишавме договори за замена и тој доаѓаше овде кога ја реновиравме куќата и рече дека Бог треба да ми е напомош за да успеам сето тоа да го завршам. Јас успеав, а тој сега се‘ си бара назад, а јас немам право на својот имот кој го оставив во Глина“, раскажува Душан Раѓеновиќ, видно потресен од, како што тврди, неправдата која го снашла не само него, туку и останатите луѓе кои се во иста ситуација.

Dusan Radjenovic
Слободан ПериќФотографија: DW/D. Maksimovic

Нема сегмент на животот без проблеми

Слободан Периќ е адвокат кој денес живее и работи во Бања Лука. Од Лика избегал пред 19 години, го оставил својот имот, кој досега не успеал да го врати. За Хрватска, како што вели Периќ, Србите се граѓани од втор ред кои немаат што да бараат таму: „Што се однесува до проблемите на Србите од Краина, нема сегмент на животот во кој тие немаат проблеми. Останаа без имот, без статус, без слобода на движење.“

На одбележувањето на годишнината од протерувањето на Србите од Хрватска секоја година има се‘ помалку луѓе. Претставниците на здружението на протераните сметаат дека се работи за срамен потег на актуелната власт. Претседателот на Здружението на работници побегнати од Хрватска, Никола Пузигаќа, вели: „Секоја година не‘ има се‘ помалку, затоа што политиката зема замав, а по прашањето на овој проблем не е преземено ништо. На овие јадници им е се‘ полошо и полошо.“