1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесвер во Авганистан - спорна мисија

7 октомври 2008

Германската влада денеска (07.10.2008) донесе одлука за продолжување на мандатот на војниците на Бундесверот во Авганистан за натамошни 14 месеци. За тоа дополнително ќе дебатира Бундестагот.

https://p.dw.com/p/FVOf
Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг во Авганистан со германските војнициФотографија: AP

Кога во декември 2001-ва година, германската влада и парламентот го одобрија ангажманот на германската армија во Авганистан, тој опфаќаше 1200 војници. Во меѓувреме во Авганистан има 3300 германски војници, значи три пати повеќе.Но и тоа повеќе не им е доволно на министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг и на неговите генерали:

„ Ова го правам во согласност со воениот предлог на генералниот инспектор на Бундесверот: Сакам да кажам дека сегашната горна граница од 3500 германски војници ангажирани во мисијата ИСАФ во Авганистан имаме намера да ја зголемиме на 4500.“

Нападите врз германските војници во Авганистан се почести

Колку подолго трае ангажманот, толку повеќе војници во Авганистан испраќа не само Германија туку и целиот НАТО. Северот на Авганистан, каде што се стационирани војниците на Бундесверот, долго време важеше за далеку помирен и посигурен од другите региони во Авганистан. Меѓутоа тоа се промени. Германските бази постојано се цел на ракетни напади, а бомбашите-самоубијци ги сочекуваат во заседа патролите на Бундеверот. Талибанските и борците на Ал Каеда се инфилтрираа во северниот дел на Авганистан.

Deutscher Panzer Fuchs in Afghanistan
Се‘ почеста цел на нападиФотографија: AP

Во неделите пред продолжувањето на мандатот, ситуацијата е посебно ризична- вели Улрих Кирш од Здружението за заштита на интересите на сегашните и поранешни припадници на Бундесверот:

„Нападите, кои се случуваат во моментов, со сигурност се поврзани со продолжувањето на мандатот, зашто мораме да имаме предвид, дека нашите весници, нашите медиуми перманентно се набљудувани од страна на непријателите кои ги имаме таму. Се разбира, се следи и тоа дека во земјата имаме и релативно хистерична дебата околу реалноста во Авганистан“

Нападите насочени против успешната цивилна обнова на земјата

Колку повеќе напади се изведуваат против трупите на Бундесверот и колку помалку извештаи за успеси доаѓаат од Авганистан, толку погласно критичарите го поставуваат суштинските прашања: Точно ли е навистина дека безбедноста на Германија се брани на Хиндукуш? И дали вистински се постигнува напредок во Авганистан? Не, велат повеќето Германци во анкетите. Германската влада меѓутоа цврсто се држи до ангажманот - како што вели членот на Социјалдемократската партија Јерн Тисен:

„Нападите во Авганистан се насочени кон цивилната обнова, зашто таа е успешна. Нападите врз Бундесверот, се напади изведени од оние, кои не сакаат да има мир и цивилна обнова во Авганистан. Страшно е што има такви, но тие се и показател за тоа дека ние таму спроведуваме успешна политика. Тоа е тешко да се објасни , но сметам дека е итно непоходно“.

Anschlag auf ISAF-Tanklastwagen 2
Критики: мора ли да се останува во Авганистан?Фотографија: picture-alliance/ dpa

Меѓутоа на тоа така не гледаат сите во Бундестагот. Многу политичари од опозицијата изразуваат сомневање, а Партијата на Левицата дури решително го отфрла ангажманот.

Бундесверот вовлечен во војна која не е негова

И меѓу владејачките партии се наоѓаат критичари, како на пример членот на Христијанско демократската унија, Вили Вимер.

Тој бара повлекување на Бундесверот од Авганистан, зашто таму се повеќе се вовлекува во војна која не е негова војна:

„ Доколку нема промена во политиката за Авганистан и доколку ние и натаму се задржиме на воената сцена, која според британски наводи би требала да трае 40 години, тогаш можам само да кажам: Вистинско време е за заминување“.

Со ваквото мислење, вели Вимер, тој го застапува мнозинството Германци. Конечно наредниот септември ќе биде избран нов состав на Бундестагот. Тоа истотака предвид го зеде и германската влада при донесувањето на одлуката за продолжување на мандатот. Наместо една година, како што беше досега вообичаено, таа овојпат го продолжува мандатот за 14 месеци. Со тоа се надева дека ќа ја задржи настрана од предизборната кампања спорната тема за ангажманот на Бундесверот во Авганистан.