Бугарски полицајци во заеднички бизнис со шверцерите?
20 август 2016„Ова е срамота, поинаку не може да се каже“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов во првата реакција по скандалот. Имено, постои сомнение за соработка на бугарски граничари со бандите криумчари на бегалци. Борисов веднаш потоа издејствува поднесување оставки од шефот на граничната полиција Антонио Ангелов и неговиот заменик Јотко Андрејев.
Претходно Ангелов, на 8. август 2016. година, потпишал договор со фирмата „Рунолист 0707“ за превоз на бегалци кои пристигнуваат на бугарско-турската граница до бегалските кампови. Меѓутоа, шефот на оваа фирма, Григор Точков Григоров, уште во јуни беше обвинет за криумчарење на луѓе, зашто во автобус од неговата фирма беа пронајдени 66 Ирачани и Авганистанци без документи. Без оглед што против Григоров се води истрага, неговата фирма ја доби работата на тендерот вреден 100.000 евра и со превоз на бегалците требаше да се занимава - по налог на државата.
Расте притисокот на границата
Во Бугарија веќе со месеци постојат индиции за валкани бизниси со шверцување луѓе. „Корупцијата меѓу граничарите е голем проблем“, изјави пред една недела во интервју за Дојче веле Валери Григоров, бивш шеф на граничната полиција: „Постојат деловно-партнерски врски меѓу шверцерите, граничната и обичната полиција, а одговорните функционери тоа го дозволуваат.“
По овој скандал, Валери Григоров своите изјави ги смета за потврдени. „Стотте илјади евра, кои всушност ги издвои ЕУ, требаше да послужат за безбедносни мерки на бугарско-турската граница, а не за богатење на криумчарите.“ Според Григоров, фактот што е склучен договор со фирма осомничена за трговија со луѓе, зборува дека власта воопшто не води сметка со кого има работа. „Овде станува збор за приватни интереси на функцинери на врвот од тој орган на власта. Не постои само сомнеж за корупција, таа и онака е сеприсутна.“
Опозицискиот пратеник Атанас Мерџанов од Социјалистичката партија потсетува на бројните политичари и новинари кои уште претходно ја предупредуваа јавноста за постоење шверцерски канали под заштита на самата држава. Паничната реакција на владата нема да го намали притисокот на границата со Турција, но ни на границата со Србија, која во Бугарија враќа се‘ поголем број мигранти, наведува Мерџанов. Портпаролот на српското Министерство за одбрана Јован Кривокапиќ потврди дека неговата земја во периодот по 22. јули во Бугарија вратила 2.275 илегални мигранти по потекло од Сирија, Авганистан и Пакистан.
Преговори со Анкара
Бугарија се наоѓа на се‘ почесто користената бегалска рута која води преку Турција и Србија кон северозападна Европа. Бугарија неодамна воспостави нови контролни пунктови на границата со Турција. Бегалците кои стигнуваат, по правило избегнуваат да се регистрираат во сиромашната држава од ЕУ, сакајќи да го продолжат патот кон централна Европа.
Притисокот на границата во август порасна, вели директорот на бугарската полиција Христо Терсијски. Од почетокот на август се регистрирани речиси 2.000 обиди за илегален премин на бугарско-турската граница. Туција, пишуваат медиумите во Софија, на Бугарија и‘ понудила спогодба за „механизам за билатерална соработка“, кој би помогнал во надминувањето на бегалската криза. За тоа премиерот Борисов ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 24. август, кога ќе престојува во посета на Анкара.