1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој четврти авио-патник во Македонија доаѓа со задоцнување

БГ /АФП
22 декември 2021

Северна Македонија е најпроблематична земја во Европа за авионски сообраќај, тврди германската организација за заштита на правата на авио-патниците Ерхелп. Германија е на петто место.

https://p.dw.com/p/44dXa
Македонија Скопје Аеродром
Летовите кон Северна Македонија најмногу доцнеле во цела ЕвропаФотографија: DW/D. Dedovic

Податоците на организацијата Ерхелп (Airhelp) ја сместија Северна Македонија на европскиот врв според црната статистика за доцнење на авионските летови. Една четвртина од патниците чија дестинација била Македонија пристигнале со задоцнување во текот на 2021 година. Најдобро оценети европски држави се Ирска и Малта, каде летовите најмалку доцнеле. Германија е на петтото место, како една од земјите каде летовите често не пристигнувале на време.

Во 2021 година е забележан раст на бројот на патници во однос на претходната, но сепак бројките сѐ уште се далеку под пандемиското ниво. Вкупно годинава, во Европа летале 270 милиони патници - пред пандемијата таа бројка достигнува речиси една милијарда. 

На светско ниво, најмногу доцнење имало во Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Доминиканската Република. Надвор од Европа, летовите пристигнувале најточно во Перу. 

Бавни германски аеродроми 

Извештајот на Ерхелп е критичен и кон состојбата на германските аеродроми во текот на изминатата година, со оглед на податокот дека секој петти патник во Германија се соочил со доцнење.

Патниците имале најмногу проблеми на аеродромот во Диселдорф, каде речиси една четвртина од патниците летале со задоцнување. Следуваат аеродромите во Карлсруе и Франкфурт. Севкупно, околу 180 илјади патници во Германија во текот на 2021 година се соочиле со откажани летови или доцнење од над три часа. Се смета дека од нив, околу 130 илјади имаат право на обесштетување затоа што доцнењето или откажувањето не било предизвикано од вонредни околности, туку од страна на авионските компании. 

Висината на обесштетувањето во такви случаи, во зависност од должината на летот, може да достигне и до 600 евра.