1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британските ксенофоби испливаа на површина по брегзит

Самира Шекл/бг30 јуни 2016

По минатонеделниот референдум за напуштање на ЕУ, забележителен е драматичен пораст на говорот на омраза против европски државјани во Велика Британија. Експертите предупредуваат од длабоки поделби поради гласањето.

https://p.dw.com/p/1JFMM
Фотографија: Reuters/N. Hall

Во неделата утрото, вработените во Полскиот социјален и културен центар во Хамерсмит, западен Лондон се разбудија со непријатно изненадување: расистички графити беа испишани на влезот во зградата. Ова не е изолиран инцидент. Во Хантингдон, Кембриџшајр, картички со пораки „Напуштете ја ЕУ“ и „Доста ни е од полските штетници“ беа пронајдени пред училиштето Св. Петар. Едно 11-годишно полско дете им изјави на репортерите дека летоците „многу го натажиле“. Слични летоци беа оставени и пред вратите на многу куќи во областа.
„Како источно Европејка загрижена сум“, вели Ана Петров, бугарска државјанка која живее во јужна Англија веќе три години. „Тука создадов дом, но сега се плашам дека ако зборувам бугарски на телефон во јавност дали некој ќе ми каже да си одам? Или нешто полошо?“
Според првичните полициски проценки, има голем раст на кривичните делаод омраза по референдумот минатиот четврток: зголемување за 57 проценти во пријавените инциденти од четвртокот до неделата, во споредба со истиот период пред четири недели. Дополнително, во пораст се и пријавите за вербални напади на социјалните мрежи. „Одеднаш се чувствувам многу подалеку од дома“, вели Германката Каролине Вебер, која работи во Лондон.

Иако најголемиот дел од агресијата е насочена кон државјани на ЕУ, цел се и Британците со различна боја на кожата. Новинарката на БиБиСи Сима Котеча беше наречена „Паки“ додека известуваше за реакциите по брегзит.
„Повеќето напади се врз источно европски мигранти- но не сите“, вели Лиз Фекете, директор на Институтот за расни односи. „Забележуваме дека муслиманските жени се примарна цел, но и многу деца. Голема штета е сторена на социјалната и општествената кохезија. Не чека ужасно многу работа за да ја поправиме штетата“.

Großbritannien fremdenfeindliche Übergriffe nach Brexit - Polnisches Zentrum Hammersmith
Полскиот социјален и културен центар во ХамерсмитФотографија: Reuters

Постојни поделби

За многумина, ова е логичен резултат на кампањата на поделби и навреди која беше фокусирана врз имиграцијата. Во последните недели од кампањата, УКИП објави постер со фотографија на бегалци со порака „Точка на пресврт“. Билборди низ цела Велика Британија ги повикуваа возачите „Да го запрат напредувањето на Германците: Гласајте за напуштање“. Реториката на поделби продолжува и натаму. Во понеделникот, таблоидот „Сан“ објави текст со наслов: „Како победи брегзит: улици полни со полски продавници, деца кои не знаат англиски... Но британските знамиња повторно летаат високо“.
Аналитичарите посочуваат дека дебатата за Брегзит не ги создала туку ги засилила ксенофобијата и предоминантната анти-имиграциска клима.
„Се чини јасно дека кампањата за референдумот го засили расизмот, но важно е да се признае дека расизмот веќе беше присутен во британското општество“, вели Даниел Трилинг, уредник на магазинот „Њу Хуманист“, и автор на книги за радикалната десница во Британија.
„Десничарските групи отсекогаш се обидувале и ќе продолжат да паразитираат врз генералното расположение. Тие вообичаено не ги предводат дебатите. Но ќе биде погрешно доколку луѓето кои гласаа за останување во ЕУ го сметаат расизмот за грешка на 'другата страна'. Иако кампањата за заминување се фокусираше врз серија расистички митови, и кампањата за останување исто така зазеде анти-имигрантски позиции. Токму владата на Дејвид Камерон го усвои неодамнешниот закон за имиграција, а токму Камерон говореше за 'роеви' мигранти во Кале“, вели Трилинг за ДВ.

Во парламентот во понеделникот, Камерон ги осуди ксенофобичните инциденти, исто како и лидерот на опозициските Лабуристи, Џереми Корбин, но остануваат дилемите: како ќе зацелат длабоките рани во општеството.
„Оваа кампања го извади расизмот на површина“, вели Фекете. „Потребен ни е ефективен полициски одговор. Но и политичарите ќе мораат да го делегитимизираат ова што се случува; кога користат популистичка реторика тоа создава клима која насочува кон расизам. Особено политичарите инволвирани во кампањата за напуштање имаат дополнителна одговорност јасно да го осудат ова“.

Jean-Claude Juncker und Nigel Farage EU Parlament Brüssel
Жан-Клод Јункер и Најџел Фараж во БриселФотографија: Reuters/E.Vidal