Брисел тврди „Јужен тек“ не е приоритет, а Москва дека проектот не е запрен
19 април 2014Во рамки на работната група на ЕУ за „Јужен тек “, што беше формирана на почетокот на годинава, во моментов единствено „се разменуваат мислења за технички и правни прашања“, информира Бергер. Според неа, сега не се водат преговори за овој проект на политичко ниво. Портпаролката нагласува дека тој „политички процес е замрзнат поради активностите на Русија во Украина“.
„При разгледувањето на овој проект, се разбира, мора да го имаме предвид вкупниот контекст на односите меѓу ЕУ и Русија“, потенцира Бергер.
Во меѓувреме Русија одговори дека продолжува со реализацијата на проектот „Јужен тек“ и води консултации со Европската комисија (ЕК)
„Ја продолжуваме работата со ЕК, проектот не е запрен“, рече рускиот министер за енергетика Александар Новак.
Во четвртокот Европскиот парламент (ЕП) донесе резолуција со која ги повикува властите во ЕУ итно да воведат санкции против руските енергетски компании, кои делуваат на европскиот пазар, да ја запрат изградбата на гасоводот „Јужен тек“ и да ги преразгледаат сите договори со Русија.
Претходно, ЕУ им даде овласување на нејзините членки низ кои треба да минува гасоводот: Австрија, Бугарија, Грција, Словенија, Унгарија и Хравтска, но и на Србија, индивидуално да преговараат со Русија за изградбата на „Јужен тек“.
Некои медиуми објавија дека Бугарија почнала со демонтирање на веќе поставените елементи од гасоводот, но команијата „Јужен тек-Бугарија“ ги демантираше таквите тврдења, нагласувајќи дека изградбата на гасоводот низ бугарска територија продолжува.
Српските власти неодамна најавија дека изградбата на трасата од „Јужен тек“ низ Србија ќе започне во текот на претстојното лето.