1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел бара преговорите да продолжат

Катерина Блажевска9 јули 2015

Еврокомесарот Јоханес Хан имал телефонски разговор со лидерот на СДСМ, но и со други лидери: пораката е преговорите за надминување на политичката криза да продолжат, велат дипломатски извори

https://p.dw.com/p/1FvPT
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

По жолтата метеоролошка фаза, Македонија влезе во ултрацрвена политичка фаза. Прекинот на преговорите од страна на СДСМ, со оценка дека тие се неуспешни и дека договорот од 2-ри јуни во континуитет е миниран од Никола Груевски, вчера попладното ги вжешти телефонските линии на релација Брисел - Скопје. Како што дознаваме од дипломатски извори, еврокомесарот Јоханес Хан (насловна фотографија) имал долг телефонски разговор со лидерот на СДСМ, но и со „други учесници“ во доскорешните преговори. За ваквата одлука, со Заев разговарале и амбасадорите на САД и ЕУ - Џес Бејли и Аиво Орав, кои се учесници во мониторингот врз преговарачкиот процес, но и други амбасадори од земји-членки на ЕУ.

„Пораката генерално гласи - во интерес на земјата е преговорите да продолжат преку конструктивен дијалог“, велат дипломатски извори.

„Запознаени сме со пораките. Остануваме подготвени да помогнеме“, беше ставот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, искажан вчера за ДВ, веднаш по објавата на лидерот на СДСМ дека преговорите се неуспешни, а се огласи и Европската комисија преку портпаролката Маја Коцијанчич: „Нашиот став е прилично јасен: итно ги повикуваме партиите да пронајдат компромис во интерес на земјата и на граѓаните. Договорот од 2 јуни ја нуди потребната основа, а останува уште едно крупно прашање да се договори. Нема време за губење.“

USA Russland Victoria Nuland in Moskau
Фотографија: Reuters/S. Karpukhin

Чекајќи ја Нуланд

Што понатаму? Извршниот одбор на СДСМ најверојатно денеска ќе расправа за актуелната состојба и за идните активности, а во следните денови ќе одржи средби со коалициските партнери и со граѓанските организации. Ќе се разгледуваат разни форми на идни активности, а ќе бидат структуирани во согласност со фактот дека летните одмори се во полн ек. На истата тема уште синоќа заседаваше Извршниот одбор на НСДП. Како што дознаваме, во понеделник ќе се одржи и седница на Централниот одбор на СДСМ, веднаш по посетата на помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд, која за време на краткиот, неколкучасовен престој во Скопје, претпладнето ќе има средба и со лидерот на СДСМ. Засега никој не сака да прогнозира дали е можно посетата на Нуланд да иницира некаков пресврт, што ќе ги врати преговорите во живот.

Повеќе одговори има на прашањето - дали ова беше правилна одлука на СДСМ?

Заев немаше алтернатива, вели претседателот на првото повеќепартиско Собрание во Македонија, Стојан Андов.

„Опозицијата сега мора да направи план како ќе настапува, бидејќи по главните прашања не смее да има импровизации. Треба да се забетонира ставот за потреба од темелни промени. За тоа да започне мора да се инсистира на спроведување на Договорот од 1 Март, кој исто така беше донесен со медијаторство на ЕУ, односно на комесарот Штефан Филе. Власта има обврски по тој договор и треба да ги спроведе, а одговорност треба да понесат оние кои го прекршиле Уставот и законите. Тоа ќе донесе иницијатива и ќе внесе нов дух во разговорите“, вели Андов.

Според него, проблем е што не било јасно дефинирано што значи транзициски период, односно со каква реформска содржина ќе биде исполнет тој и во кои временски рокови.

„Ако почетокот на тој транзициски период не е ни започнат, тогаш како може да се зборува за избори во април? Изборите треба да се одржат најрано една година од практичниот почетокот на еден јасно дефиниран транзициски париод. Ако постои каква било можност преговорите да продолжат, опозицијата треба да протресе цела листа со прашања, без чие отворање последици ќе трпи таа. И да биде свесна дека борбата не завршува со една битка“, укажува Андов.

Активисти од граѓанските организации сметаат дека битката не треба да биде фокусирана на Груевски, туку на битка против „груевизмот“ како матрица на однесување кое ги деформира и узурпира институциите. Тие не се откажуваат од натамошни активности и протести „против режимот“, но сметаат дека тоа не е битка само на опозицијата и на граѓанските организации, туку на секој поединец кој е загрижен за иднината на земјата.

„Со седење дома и чекање некој друг да ја извојува битката, не се постигнуваат промени“, вели Здравко Савевски од „Солидарност“.

ВМРО-ДПМНЕ: Чин на политичка неодговорност

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, уште вчера попладнето ги обвинија СДСМ за деструкција кон сопствената земја и народ.

„Докажаа дека им се важни само личните и партиски интереси и желбата да дојдат на власт без да добијат поддршка од граѓаните на избори. Со денешната постапка Заев и СДСМ ја докажаа политичката неодговорност и покрај јасните пораки од народот и од претставниците на меѓународната заедница. Заев докажа дека единствено што го интересира е како да се спаси себе си од криминалите, уцените, корупцијата и барањето мито кои ги виде цела македонска јавност. Поради тоа што во континуитет се заканува со објавување на креирани снимки за случајот 'Монструм' и поради тоа што ние сме убедени дека нема ништо спорно во целиот тој случај, јавно апелираме да објави се што има и поседува“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните, но и за организација на партиската структура за одговор на сите можни црни сценарија подготвени од Заев.

Kombibild Politiker Mazedonien

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, вчера за Дојче веле најавија континуирани активности на шефот на државата за демократизација на политичкиот дијалог.

„Како и досега, така и понатаму, претседателот на Република Македонија ќе настојува да се создадат услови за демократизација на политичкиот дијалог низ институциите на системот. Впрочем, и првата лидерска средба се одржа на иницијатива на претседателот на Република Македонија, од што се изроди досегашниот политички процес“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема