Брисел бара од македонската влада план со научени лекции за пописот
13 октомври 2011Европската комисија нагласува дека „пописот во земјата е од посебна важност и чувствителност“. „Затоа, пописот мора да се спроведе безбедно, мирно и на начин што ќе создаде соодветна слика за популацијата во земјата“, стои во писмениот допис до македонската редакција на Дојче веле од кабинетот на еврокомесарот Штефан Филе.
Слично како и ЕУРОСТАТ вчера, Европската комисија бара од владата да ги земе во предвид лекциите научени од ова искуство и да направи план во консултации со етничките заедници и опозицијата.
„За да се заштити пописот во земјата, ја охрабруваме коалиционата влада, во консултации со опозицијата и заедниците, да претстави план кој ќе осигура безбедно и мирно спроведување на пописот, земајќи ги во предвид лекциите научени од ова искуство“, стои во дописот од кабинетот на Филе, од каде нагласуваат дека забележале оти оставката во Државната пописна комисија е групна и меѓу сите етнички заедници.
Вчера од ЕУРОСТАТ за Дојче веле информираа дека таа институција предупредувала на политички ризици за спроведување на пописот во Македонија. Тимот за оценка од ЕУРОСТАТ ќе подготвел извештај за спроведувањето на пописот и за лекциите што требало да се научат, кој ќе бил доставени до Владата.
„ Врз основа на нивните извештаи ставот на ЕУРОСТАТ беше дека Државната пописна комисија ќе биде во можност технички да спроведе веродостоен попис. Како и да е, политичката комплексност беше воочена како висок ризик за соодветна имплементација на пописот. Пораки за овој ризик повеќе пати беа доставувани до Владата и Државната пописна комисија“, стои во вчерашниот писмениот допис од ЕУРОСТАТ до македонската редкација на Дојче веле.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Борис Георгиевски