1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Некој лаже или таква е тактиката?

Барбара Везел
25 септември 2017

Во Брисел денеска продолжуваат преговорите за Брегзит, кои по говорот на Тереза Меј би требало да напредуваат. Но, колкави се навистина шансите на двајцата главни преговарачи?

https://p.dw.com/p/2ke2R
Brüssel Brexit-Verhandlungen, David Davis & Michel Barnier
Широко насмеаниот Дејвид Дејвис и воздржаниот Мишел Барние во Брисел (17.07.2017)Фотографија: Reuters/Y. Herman

Преговорите за Брегзит досега не донесоа резултат вреден за спомнување, барем не ако се следи ЕУ-страната и главниот преговарач на Брисел, Мишел Барние. Британскиот преговарач Дејвид Дејвис го тврди спротивното. А, и Тереза Меј во својот говор за Брегзит во петокот зборуваше за ваков напредок.

Дали овде некој лаже или се работи едноставно за преговарачка тактика? Говорот на Меј, во секој случај требаше да им даде нов полет на разговорите, за двете страни од модалитетите на разводот брзо да преминат на уредување на своите идни односи. Европејците ги прифатија понудите на британската премиерка со пријателска воздржаност. Напредокот мора да биде постигнат на преговарачка маса, меѓу Барние и Дејвис.

Може ли да се ѕирне во картите на преговарачите?

„Многу шарлатани пробуваат да го протолкуваат говорот на телото“, вели професор Алан Вербеке од Универзитетот Левен. Не е едноставно да се утврди дали една личност лаже или се преправа. Ако се погледне говорот на телото на двајцата главни преговарачи за Брегзит, меѓутоа, може да се оцени колку нивниот говор на телото одговара на она што го зборуваат.

Brüssel EU Brexit Verhandlungen Alain Verbeke
Алан Вербеке, експерт за говор на телотоФотографија: DW/B. Wesel

Алан Вербеке е правник и специјалист за водење преговори. Што им препорачува тој на своите ученици кога ги обучува да станат професионалци на ова поле?

„75 до 90 проценти од една порака се состои во однесувањето, во говорот на телото и висината на тонот. Остатокот е она што ќе се изговори. Значи, се работи за транспарентност и усогласеност.“ Она што се зборува мора да се одразува во телесните гестикулации. Како во тој дел изгледаат преговарачите за Брегзит? Конечно, двајцата се обучени професионалци, својата улога во јавноста ја играат под голем притисок.

Мишел Барние не ги крие брчките од загриженост

„Ставот му е отворен и конструктивен, но тој е и претпазлив“, вели експертот Вербеке за настапот на Мишел Барние. „Во неговиот случај гледаме професионалец кој ја покажува загриженоста нанадвор.“ Вербеке смета дека Французинот е поверодостоен од британскиот играч, затоа што ЕУ-преговарачот покажува и нервоза. На последната прес-конференција пред летната пауза, на пример, Барние се жалеше дека разговорите се фактички во застој. Притоа, ЕУ-преговарачот го покажува своето сериозно лице, со целото тело изразува загриженост. „Изразот и зборовите се поклопуваат.“ Кога еден новинар му постави прашање на Барние за неговата „фрустрација“ поради разговорите кои не одат како што треба, тој дури го загуби трпението: „Не сум исфрустриран, јас сум нестрплив!“ Французинот притоа беше персонификација на лутина. Беше фатен, тоа им се случува дури и на професионалците.

Belgien - Brexit-Verhandlungen mit Barnier und Davis in Brüssel
Барние е отворен, но и претпазливФотографија: Getty Images/AFP/T. Charlier

Зошто Дејвид Дејвис е страшно радосен?

Кога и да се појави во Брисел, Дејвид Дејвис се смешка и зрачи. „Тој секогаш се претставува како тотално љубезно момче“, анализира Вербеке. Зад тоа се крие стратегија за продавање на Брегзитот на јавноста со најголем оптимизам. „Неговата порака гласи: ќе постигнеме добар резултат.“ Дејвис игра улога и тоа го прави невообичаено добро. Британците во првите преговарачки рунди играа стратешки, според девизата: кој прв трепне - губи.

Großbritannien Kabinett David Davis
Дејвис во Брисел постојано се смешка и зрачиФотографија: picture-alliance/dpa/PA Wire/J. Brady

Меѓутоа, на крајот, како што нагласува експертот за однесување, ќе попушти оној кому нешто му треба. А, откако премиерката Меј во Фиренца ја тргна од масата познатата реченица: „Никаков договор е подобро од лош договор“, Дејвид Дејвис би можел да ја промени својата позиција. Британската економија во текот на летото го зајакна своето барање за колку што е можно поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и по излегувањето од Унијата. Сега Меј сака да ги продолжи преговорите за две години, со цел да добие простор за делување и време. Британскиот министер за Брегзит, значи, во Брисел веќе може да си изнајми апартман. Неговата страна е таа што трепна прва.

Кого од двајцата преговарачи Алан Вербеке го смета за поверодостоен? „Мишел Барние делува поискрено од Дејвид Дејвис“, одговара тој.