1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит би имал и предности за ЕУ

Бернд Ригерт / Е.М.Фиданоска23 јуни 2016

Пратениците, службениците и аналитичарите во Брисел тајно размислуваат и за оваа опција - брегзит може да има и предности.

https://p.dw.com/p/1JB4X
Фотографија: picture alliance/Klaus Ohlenschläger

Нема веќе кој да вели не!

Велика Британија во изминатите 40 години ја ко-обликуваше ЕУ и иницираше многу промени, вели европратеникот Александер Граф Ламбсдорф. Без Британците, кои постојано велеа „не“ на законските предлози на Европската комисија, некои одлуки ќе беа поедноставни, уверен е тој. Без британските блокади во Советот на министри многу други ЕУ-држави веќе нема да можат да се кријат зад големото Обединето Кралство. Тие сега ќе треба самите да се изјаснат. Дали одлуките навистина ќе бидат поедноставни? ЕУ-експертот Јанс Емануилидис се сомнева во тоа. Сепак, многу правила-исклучоци и попустот во делот на придонеси на земјите членки кои им се даваат на тврдоглавите Британци, едноставно ќе отпаднат.

Прекрасно! Ајде од ова да направиме пример!

Франција се залага за тоа Британците што е можно побргу да бидат исфрлени од клубот ако навистина сакаат да си одат. Според мислењето на француските дипломати, мора навистина да боли за останатите евроскептични држави да бидат спречени да го следат британскиот пример. Да не се биде благ со дезертерот побара и шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Француската европратеничка Елизабет Гигу вели: „Мора да се бориме против центрифугалните сили и да покажеме дека навистина можеме да извлечеме консеквенции од евентуалниот брегзит.“ Тоа би требало да ги ислаши десните популисти како Марин Ле Пен во Франција или Герт Вилдерс во Холандија.

ЕУ-армијата е сѐ поблиску!

Велика Британија досега ги торпедираше сите напори за сопствена ЕУ-армија и за ефективни воени мисии без учество на НАТО. Без кочничарот сега воените стратези на ЕУ можат да ликуваат. Ако го нема Лондон, кој постојано се испречува, може да се радуваат и државите кои се залагаат за повеќе протекционизам, интервенирање на државата во делот на економијата и за полабава буџетска политика. ЕУ ќе стане поисточна и појужна без Велика Британија, велат ЕУ-истражувачите во Брисел.

Brüssel Gebäude der Europäischen Kommission
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Многу работни места ќе се ослободат!

Британските државјани, долгорочно, ќе се откажат од работните места во Европската комисија, Европскиот парламент, Европскиот суд, Комисијата за економски и социјални прашања и многу други институции. Се работи за повеќе илјади работни места. Велика Британија во Брисел има додуша помалку службеници од, да речеме, многу помалата Грција, но затоа има многу свои луѓе на раководни позиции и директорски места. Но, додека се случи промена на персоналот ќе минат многу години, со оглед на тоа што договорите за работа не завршуваат автоматски со излезот на Велика Британија од ЕУ.

Повеќе фин француски, помалку лош англиски!

До пред 15 години францускиот беше главен јазик во ходниците на ЕУ-институциите. Еврокомесар кој не зборува течно француски? Тоа порано беше незамисливо. Од приемот на источноевропските држави во ЕУ тоа се промени. Одеднаш англискиот стана главен јазик во ЕУ. И германскиот загуби на значење. Ако сега една голема земја членка, каде се зборува англиски, си замине, можеби има шанса францускиот повторно да добие на значење. На таква веројатност се радуваат француските институти за јазик и експертите за култура во Брисел. Сепак, во практичното работење на преведувачите во Брисел тоа нема да промени ништо. Англиски останува официјален јазик во ЕУ.

Europaparlament Debatte zu Brexit Farage mit GB Flagge
Најџел Фараж со години се залага за излегување од ЕУ - без него во ЕП ќе биде многу потивкоФотографија: Reuters/V. Kessler

Помалку „гњаватори“!

Британските пратеници, непријателски настроени кон ЕУ, ќе исчезнат од Европскиот парламент! Особено тормозење за убедените Европејци претставуваа тирадите на некои британски конзервативци и острите напади на партијата УКИП. Нејзиниот шеф Најџел Фараж е технички добар говорник, но „бесмислиците кои ги трескаше нема да ни недостигаат“, изјави една пратеничка од социјалдемокартите, која радо би останала анонимна.