1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразука со нов дизајн во финалето

Г. Кетелс / Е.М.Фиданоска13 јули 2014

Топката е тркалезна и играта трае 90 минути - тоа е фудбалската мудрост која поранешниот германски селектор Хербергер ја изнесе на СП во 1954. Но, добрата фудбалска топка денес мора да биде многу повеќе од само тркалезна

https://p.dw.com/p/1CZHC
Фотографија: Getty Images/AFP

На прв поглед само топка - официјална топка за Светското фудбалско првенство. Таа е пошарена од своите претходнички и има име кое го одразува бразилскиот животен стил.

„Бразука“ - фудбалските ѕвезди на најважниот турнир на светот не допираат ништо друго почесто и толку многу како оваа топка. Таа е дело на Германец - продукт менаџерот Јохен Раф.

„Во суштина во топката се слеани три дизајн-инспирации. Најочигледна е таа со лентите околу топката. Тоа одговара на бразилскиот израз, со многу форми кои се прелеваат. Тоа се ленти кои во Бразил се многу распространети. Потоа, тука се, се разбира, боите и уште темата ѕвезди, кои во Бразил играат голема улога“, вели „таткото“ на Бразуката.

Тимот за развој на новата топка на Јохен Раф работел две и пол години кај производителот на спортски артикли Адидас, во Херцогенаурах, кај Нирнберг. Се‘ додека топката не влегла во производство.

Нов не е само изгледот, туку и структурата на површината - конструкција од шест зашиени идентични панели.

„Шевовите се решавачки за тоа топката да лета рамномерно и стабилно. Колку е порамномерна распределбата, толку подобро или толку постабилно лета топката во воздух. Затоа кај топката беше исклучително важно да се создаде токму тоа - долги шевови и рамномерна распределба. Беше важно топката, сеедно како се движи, да има најдобра и најстабилна можна положба на летање“, нагласува Раф.

А, таа наголемо се тестира на прототипови во истражувачка лабораторија, пред топката да биде испратена на СП. Специјална машина тестира дали топката е навистина перфектно тркалезна и симетрична. Со робот за шутирање се тестира начинот на летање. Освен тоа, топката ја тестираат и професионални фудбалери.

„Најобемни беа тие тестови на терен, кои траеја навистина долго. Одевме кај тимовите во Бундеслигата, како и во САД. Топката ја тестиравме и во Бразил, пред две години. Сето тоа се работи кои траат релативно долго, но се прави се‘ што е неопходно за да се биде сигурен дека топката е нешто најдобро што можеме да го испорачаме во таа форма“, вели Раф.

Brasilien Fußball WM Brazuca
Фотографија: YASUYOSHI CHIBA/AFP/Getty Images

Патот до Бразука е долг. Уште пред две илјади години луѓето во Кина шутирале топки наполнети со предуви и влакна. До 60-тите години на минатиот век топките биле направени од кафеави кожени ленти. Првата официјална топка за едно светско првенство ја испорача Адидас во 1970 година. Оттогаш топката си има и свое име.

Продукт менаџерот Раф објаснува:

„Она што можеби денес не е познато е дека првпат беше произведена бела топка со црни петоаголници, за топката да биде подобро видлива на теренот. Тоа беше новина. Денес тоа го знае секој, но првпат топката изгледаше така на едно СП и до денес тоа остана класичен дизајн на топка“.

Топките се усовршувале од турнир до турнир, од материјал кожа кон синтетика, од црно-бели кон шарени. Тимот за дизајнирање во Херцогенаурах има направено топка специјално за финалето. Франциска Лефелман е дизајнерка на топката за финалето.

„Тогаш емоциите се на највисока можна точка и затоа има експлозија на лентите надвор од панелите и ситни детали... За навистина да дојдат уште повеќе до израз емоциите, танцот, самбата, парче музика... Отсликани се многу емоции“, вели таа, покажувајќи на топката за финалето.

Brasilien Fußball WM 2014 Fotos von AFP-Fotograf Jewel Samad Argentinien Training
Фотографија: Jewel Samad/AFP/Getty Images

Инспирација за дизајнерите бил јазикот на формите на познатиот бразилски архитект Оскар Нимајер. Патување низ културата и пејзажите на домаќинот на СП. Раф е убеден:

„Топката е икона на играта на ваков еден турнир. Мислам дека е исправно да се вметне малку историја од земјата домаќин и да се каже - ова е сега топката со која се играше во таа земја“.

Икона, хај-тек производ или едноставно само фудбал - за време на СП Бразука во секој случај привлекува внимание.