1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босанци во Германија – втората татковина

Белма Фазлагиќ–Шестиќ/Александар Методијев11 октомври 2012

Во Германија живеат околу 240.000 луѓе кои потекнуваат од Босна и Херцеговина. Една од нив е Ирма Штекигт, која во 2006-та година ја замени шефовската фотелја за живот во Германија.

https://p.dw.com/p/15zMC

Во Германија ја донесе љубовта. Кога босанската менаџерка Ирма Штекигт го посети брат и’ во Германија, го запозна и нејзиниот сопруг.

„Брат ми живее овде од пред 20 години. Јас него често го посетував, Германија ја сметав за прекрасна, но никогаш не помислував дека еден ден ќе живеам овде“, се сеќава економистката. На почетокот од 2006-та таа се пресели во Германија и сега живее во близина на Вупертал.

Irma Stöckigt Migrantin aus Bosnien und Herzegowina
Ирма Штекигт, мигрантка од Босна и Херцеговина, која од 2006-та година живее во Германија.Фотографија: DW

Ирма Штекигт е родена во 1970-та година во босанско-херцеговскиот град Травник и студираше во хрватскиот главен град Загреб. Подоцна работеше во Сараево во една меѓународна компанија.

„Јас предводев тим од 50 работници. Ми беше важно да напредувам во кариерата“. Но, потоа таа се откажа од оваа позиција за да живее во Германија со својот иден сопруг.

Мнозинството луѓе, кои се преселуваат од Босна и Херцеговина во Германија тоа го прави поради сосема други причини. Поради граѓанската војна од 1992-ра до 1995-та година 350.000 бегалци побараа засолниште во Германија. Многумина од нив подоцна се вратија или емигрираа во други земји. Според податоците на Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина, уште пред распадот на Југославија во 1991-ва година во Германија живееле околу 113. 000 граѓани од Босна и Херцеговина.

Имигрантите и нивните причини за миграција

Министерството за човекови права и бегалци во Босна и Херцеговина не располага со конкретни податоци – колку граѓани по војната се иселиле во Германија.

Заменик-министерката Рузмира Тихиќ – Кадриќ вели дека Босна и Херцеговина го има само бројот на одјавени лица.

„Во земјата нема обврска за давање известување за одјава. Ние секогаш се информираме од податоците на Германската сојузна служба за статистика. Тие се многу веродостојни“, вели Тихиќ – Кадриќ.

Според овие податоци во Германија живеат околу 240.000 луѓе кои потекнуваат од Босна и Херцеговина. Околу 80.000 имаат добиено германско државјанство.

Bosnische Flüchtlinge 1992 - Entwicklung der Migration nach Deutschland
Босански семејства со деца фотографирани по нивното емигрирање во Германија во 1992-ра годинаФотографија: picture alliance/dpa

„По војната емиграцијата продолжи, а главно поради економски причини, но исто така има и многу спојувања на семејствата. Освен тоа, во последниве години многу млади луѓе заминаа во Германија за таму да студираат“, вели Рузмира Тихиќ – Кадриќ.

Исто така, Босна и Херцеговина загуби и стручна работна сила, посебно доктори, бидејќи во Германија, но и во целата ЕУ, младите важат за добри мигранти.

Своето добро образование Ирма Штекигт сака да го инвестира во Германија. Во моментов таа, инаку мајка на две деца, работи во основно училиште како помошничка за интеграциски прашања. Таа им помага на децата со посебни потреби, најмногу во училишното секојдневие. Да се врати на старата професија, за поранешната менаџерка беше невозможно.

„На почетокот бев целосно посветена на семејството и повеќе не размислував за напредок во кариерата. Но, подоцна кога се обидов да се вратам во професионалниот живот наидов на многу пречки“, објаснува таа.

Семејство и професија – тешка мисија

Irma Stöckigt Migrantin aus Bosnien und Herzegowina
Ирма Штекигт засега во Германија не го работи тоа што го посакуваФотографија: DW

Една причина е жестоката конкуренција на пазарот на труд. „Освен тоа речиси сите места во браншата на бизнис менаџмент се со полно работно време. Посакувам во фирмите да се покаже малку поголемо разбирање за мајките со мали деца и да може работното време да се направи пофлексибилно“, додава Штекигт.

Таа испратила многу пријави за слободни работни места со ниски квалификации, но безуспешно. „Јас сакав да работам половина ден и никогаш не добив покана за интервју“, додава таа.

Во Германија е посебно тешко да се поврзат семејството и професијата, смета 42-годишната Ирма Штекигт. „Во Босна и Херцеговина тоа е сосема поинаку. Многу млади мајки работат со полно работно време и тие имаат поголема поддршка во својата социјална околина“. Бабите, тетките или браќата и сестрите се често таму за да внимаваат на децата неколку часа.

Сепак Ирма не ја губи надежта еден ден да работи како менаџерка во Германија, по можност во меѓународна компанија. Таа не жали за нејзината одлука да ја напушти познатата средина и да се пресели во Германија. „Овде имам во голема мера само позитивни искуства“, забележува таа.

Портрети на некои од успешните Босанци во Германија

[No title]

Роберт Шоко

Лариса Заимовиќ-Штау

Касим Рашидовиќ