1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босански цигари за либиските џихадисти

В.Оташевиќ/М.Вешовиќ/Х.Х.Дијаб14 јули 2016

Во третиот дел од досието за шверцот на балкански цигари во Либија читајте како цигарите од Фабрика за тутун во Сараево биле транспортирани до купувачи блиски до Ал Каеда и „Исламската држава“ во Либија

https://p.dw.com/p/1JNRv
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Doma

Транспортот се вршел преку косовската фирма „НПТ Косова Табако ШПК“. Најголем акционер во „Фабрика духана Сараево“ е Федерацијата на БиХ, односно Министерството за земјоделство на тој ентитет. Според документацијата на црногорската царина од 2014 година, „НПТ Косова Табако ШПК“ во два наврати во пристаништето Бар товарела цигари за фирмата примач „Умал Бехар Шипинг“, регистрирана во либискиот град Бенгази. Бенгази во тоа време бил во рацете на радикалната исламистичка организација Ансар ал Шеријат.

Ројал блу за либиските џихадисти

Се работи за речиси 50 илјади килограми цигари „Ројал блу“ кои се превезувале на бродот „Ар Рака“. Брод со такво име не може да се пронајде на специјализираните интернет страници. Во царинскиот документ за пратката се гледа и печатот на фирмата на Драган Вујачиќ, кому во црногорскиот суд му беше судено за шверц на цигари во 2005 година и предизвикана штета врз буџетот од половина милион евра. Во меѓувреме судот го ослободи Вујачиќ од обвинението, но ги осуди неговите тројца соработници.

Montenegro Der Hafen Bar
Магацинот на „Њу Истерн менаџмент“ во пристаништето БарФотографија: CIN-MG

Косовска врска

Според податоците, извозот на цигарите по договорот меѓу фабриката од Сараево и косовската фирма одел преку компанијата „Њу Истерн менаџмент“. Токму во март минатата година, една пратка на „Њу Истерн менаџмент“ е запрена во Грција под обвинение дека се работи за шверц на цигари. Фирмата натоварила цигари во вредност од 35 милиони евра на бродот „Захра“, а пратката требало да ја прими фирма во Бенгази.
Во косовскиот регистар може да се види дека сопственик на фирмата „НПТ Косова Табако ШПК“ е Мерсим Говори. Истото лице се јавува и како извршен директор на компанијата „Монт Гро Тобако“, регистрирана во слободната зона на пристаништето Бар. Компанијата има договор со државата Црна Гора за повластено работење во пристаништето. Како сопственик на „Монт Гро Тобако“ се јавува Даути Куртаљи. Хрватските медиуми пишуваа за неговите врски со албанската мафија во земјата уште пред десет години. Се повикуваа на полициски податоци дека Куртаљи е поврзан со Среќко Кестнер, шверцер на цигари осуден во Германија и со црногорскиот криминалец Ратко Ѓокиќ, кој беше ликвидиран во 2003 година во Стокхолм.

Montenegro "Cleopatra" aus Podgorica
Расфрлани кутии од фалсификувани цигари „Клеопатра“ во Подгорица.Фотографија: CIN-MG

Офшор фирми

Покрај „Њу Истерн менаџмент“, цигари во Либија преку пристаништето во Бар превезувале и две офшор фирми- од Британските девствени острови „Каис Венчрс груп“ и панамската „Велекс Јуроп корпорејшн“. Цигарите биле пренесени во либиските градови Мисрата и Тобрук, а се работело за марките „Ева слимс“, „Ројал блу“ и други, во вкупно количина од преку 100 илјади килограми. Превозот се одвивал со бродот „Јонг Ги“ кој го сменил името во „Симоне“, но во јануари минатата година бил запрен од грчката крајбрежна стража. При проверката е утврдено дека бродот имал бројни оштетувања и дека не била позната дестинацијата кон која плови. Дури немал ни ткн. ИМО број- идентификациски број кој во согласност со меѓународните конвенции мора да го има. Бродот бил задржан од грчките власти повеќе од четири месеци. Такви и слични бродови најчесто се користат за шверц.

Автори на истражувањето се Владимир Оташевиќ, Марко Вешовиќ и Хасан Хајдар Дијаб.