1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блатерократија

Јоша Вебер / предвод: ЕМФ30 мај 2015

Добредојдовте во паралелниот универзум на ФИФА, далечна галаксија во која на обвинувањата за корупција и измами само се насмевнуваат и продолжуваат натаму, оценува во својот коментар Јоша Вебер.

https://p.dw.com/p/1FZMc
Фотографија: Reuters/R. Sprich

Во ФИФА се‘ е релативно, дури и времето. Мислам дека времето кое го минав во ФИФА не е долго“, изјави Јозеф Блатер пред својот реизбор на 65. конгрес на ФИФА. За потсетување: овој човек е веќе 40 (!) години во Светската фудбалска федерација. Почна во 1975. година како директор за програми за развој. Неговиот поразен предизвикувач за претседателскот место во ФИФА, Јорданецот принц Али бин ал-Хусеин, тогаш не бил ниту роден. Но не е само минувањето на времето тема за која Блатер има свое поимање на нештата.

Долгогодишна корупција на високи функционери на ФИФА? За Блатер тие се „изолирани случаи“. Огорченост на јавноста поради скандалот во ФИФА? За Блатер тоа е „кал во која ФИФА целно се вовлекува“. Преземање политичка одговорност за аферата? „Да, тоа го правам“, вели Блатер, но не сака поради тоа и да се повлече. Блатер си создава фудбалски свет каков што нему му се допаѓа.

А неговото „семејство“, како што тој ја нарекува ФИФА, со тоа навистина и се согласува. За посматрачите однадвор тоа е сосема неразбирливо. Но во внатрешноста на ова семејство важат други закони. Пред четири години веќе бев овде, на минатиот конгрес во Цирих. И тогаш имаше јавни критики на сметка на Блатер и ФИФА, не толку гласни како денес, но сепак критики кои јасно се слушаа. Во внатрешнста на салата меѓутоа владееше поинаква атмосфера, здравици и пријателско муабетење. Само англискиот сојуз се осмели да изнесе малку критика на сметка на Блатер. Тогаш си помислив дека ФИФА е еден паралелен свет. Денес знам дека е тоа паралелен универзум!

„Не ни е потребна револуција, туку еволуција“, тврди Блатер најсериозно пред делегатите и притоа се нуди себеси како обновувач на една „силна ФИФА“, која би морало (од негова страна) да биде заштитена од политичко влијание. Ало, се слуша ли што зборува? Сега тој сака да го реформира системот кој го градеше и му даваше печат со години како да немал ништо заедничко со досегашната ФИФА?! Губење на чувството за реалност е најверојатно најблагата дијагноза што може да се постави.

Weber Joscha Kommentarbild App
Јоша Вебер, автор на коментарот

А тој бизарен ФИФА-свет, во кој никој не може да го смени актуелниот претседател, затоа што своите бирачи великодушно ги наградуваше со милиони или со вносни функции, сепак постои. Тука се и влијателните богати „обезбедувачи“ на гласови, како шеикот Ахма ал-Сабах, кој во замена за верноста кон Блатер можеби ќе дочека можност за четири години да стане и негов наследник. Двајцата се перчеа низ конгресната хала и пред изборот, убедени во победа. Демократска ФИФА? Тоа е попрво монархија во која тронот се наследува - Блатерократија!

Откако беше повторно крунисан - пардон, избран - затоа што неговиот противник, принцот Ал Хусеин, се одрече од втор круг гласање, Блатер почна да се слави самиот себеси. „Let's go FIFA, let's go FIFA, јас сум претседател на сите вас“, му викаше на пленумот и испраќаше бакнежи. Шоу, какво што само Јозеф Блатер може да изведе.

Без оглед на оваа изведба на сфеќно семејство, месеците кои доаѓаат нема да бидат пријатни за ФИФА. Во САД, Швајцарија и Велика Британија се водат истраги против високи функционери. Ако промената не дојде одвнатре, ќе биде наметната однадвор. Балтократијата заслужи конечно да биде урната.