1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ-црната дупка на Европа

Бенјамин Парган/ Превод: Жана Ацеска6 декември 2014

Националистичките политичари од трите етникуми во БиХ блокираат секаков напредок. Двајца европски емисари сакаа да поттикнат нов почеток. Но, дипломатијата не е доволна, коментира Бенјамин Парган.

https://p.dw.com/p/1E0Fs
Јоханес Хан, Федерика Могерини и Вјекослав Беванда во СараевоФотографија: Klix.ba

Претставниците на ЕУ или имаат ангелско трпение или се политички и стратешки целосно слепи. Или, во суштина немаат никаков избор. Напнатите босански политичари во Сараево толку непомирливо се караа во присуство на ЕУ-ополномоштеникот за надворешна политика Федерика Могерини и ерокомесарот Јоханес Хан, што разговорите мораа да бидат одложени. Не помогна ни тоа што преговорите лично ги иницираа министрите за надворешни работи на Германија и Велика Британија, Франк-Валтер Штајнмаер и Филип Хамонд.

Претставниците на ЕУ во изминатите десет години постојано дозволуваа да бидат разочарани или сметани за глупави од страна на владејачките политичари во Босна и Херцеговина. Тие играа на погрешна карта: на националистички настроените политичари и нивните божемни желби за реформи. Европските дипломати секогаш повторно веруваа во шупливите декларации на една корумпирана политичка каста за т.н. европски пат на балканската земја, потресувана од кризи. Всушност, и на последниот претставник на бриселската бирократија полека требаше да му биде јасно-овие политичари не можат да ја водат БиХ во ЕУ. Нити пак го сакаат тоа.

Deutsche Welle Bosnisch Benjamin Pargan
Бенјамин ПарганФотографија: DW/P. Henriksen

БиХ од 2010 година е потенцијален кандидат за членство во ЕУ. За конкретно приближување кон Унијата, земјата мора да почне реформи, но тие ќе значат крај на политичкиот клиентелизам. Политичките претставници на трите етнички групи-муслиманските Бошњаци, православните Срби и католичките Хрвати, со години ги негуваа меѓесебните нетрпеливости. Сепак, тие без тешкотии меѓусебно ги поделија ресурсите и богатствата на земјата. Секоја партија своите поддржувачи ги обезбедува со работни места во администрацијата, им доделува јавни тендери и субвенции. Тоа функционираше со години, партиите постојано беа наново изгласувани во бројните парламенти на расцепканите политички структури. Самото тоа е причина што партиските водачи ги блокираат сите реформи кои на земјата би и‘ донесло барем целосен статус на кандидат за прием во ЕУ. Еден случај од соседната Хрватска уште повеќе ги зацврсти во нивната непопустлива блокада. Таму беше уапсен бившиот премиер Иво Санадер и осуден на десет години затвор поради корупција. Сликата на екс-премиерот со лисици на рацете остави траен впечаток кај водечките политичари во БиХ. Тие пред очи имаат слика што би се случило ако босанската правна држава, со поддршка на ЕУ, поведе битка против корупцијата. Токму затоа независното судство и борбата против корупцијата се најважните услови за почеток на преговори за пристап кон ЕУ.

Строго казнување на корупцијата

Навистина, правилно е и важно што германскиот и британскиот министер за надворешни работи сакаат да и‘ помогнат на малата балканска држава, преку економски и политички реформи конечно да се придвижи кон ЕУ. Но, ова е веќе најмалку четврта ваква иницијатива, а пред натамошен дипломатски обид, БиХ треба да започне кривично-казнена офанзива. ЕУ мора да го поддржи судството во земјата во справувањето со корумпираните политичари. Функцијата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ треба радикално да се намали, да се укинат баснословно скапите советнички места и така заштедените пари да се стават на располагање на технички и персонално слабо опремените државни обвинителства.

Во еден неофицијален разговор еден западноевропски дипломат неодамна употреби морбидна иронија за нечистата совест на босанските функционери: „Некои политичари во БиХ имаат повеќе трупови во подрумот отколку еден крематориум на средноголем германски град“. Дури кога судството ќе ги повлече од оптек најкорумпираните политички лидери, земјата ќе има реална шанса да се придвижи во насока на ЕУ. Инаку, сегашната германско-британска иницијатива ќе се распрсне како и многу претходни.