БиХ се движи по надолна линија
10 мај 2014Ескалираа протестите во Сараево откако 200 граѓани на Босна и Херцеговина, кои протестираа пред зградата на парламентот на Федерацијата БиХ, се упатија кон зградата на Библиотеката. Во обидот да ги спречи, полицијата се судри со демонстрантите. Граѓаните подоцна се собраа пред градската Библиотека. Демонстрантите упатија свирежи кон лицата кои доаѓаа на свеченото отворање на градската Библиотека и извикуваа: „Крадци, крадци“ и „Сакаме да работиме“. Демонстрантите бараат разговори со претставници на владата и парламентот на Федерацијата БиХ. Тие во почетокот на протестите бараа отворена седница на парламентот на која би учествувале претставници на општините во кои се организирани пленуми на граѓаните.
Во редовниот извештај поднесен до генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Валентин Инцко нотира дека Босна и Херцеговина продолжува да се движи по надолна линија, на која се наоѓа веќе осум години, како и дека политичките лидери се’ уште не постигнале напредок за голем број прашања, вклучувајќи ги и условите за напредување во евроатлантските интеграции.
Во делот за демонстрациите, кои почнаа во февруари, предизвикани од незадоволството на граѓаните од социјално-економската ситуација, Инцко протестите ги окарактеризира како „повик до избраните функционери и политички партии во БиХ да го сменат пристапот, посебно кога станува збор за мрежите на корупција кои го подриваат јавниот сектор“.
Тој изрази жалење поради кусиот период, на почетокот на демонстрациите, кога изби насилство, но истовремено јасно истакна дека правото на мирни протести мора да се поддржи.