120609 Anne Frank 80. Geburtstag
12 јуни 2009Братучедот на Ана Франк, Бади Елиас, воопшто не претпоставувал дека во неговата роднина се крие писателски талент. До 1933 година семејството Франк често ги посетувало роднините Елиас во Базел. Таткото на Бади Елиас дошол во Швајцарија долго пред режимот на нацистите. Таткото на Ана, Ото Франк, пак, се преселил во Амстердам. Ана и братучед и` Бади, скоро секое лето го минувале заедно во едно мало место во Енгадин, каде нивен подалечен роднина поседувал мала колиба. Бади уште како мал сакал да стане актер. Ана секогаш се смеела кога тој ги облекувал фустаните на баба им и ја имитирал старата госпоѓа:
„Не можете да си замислите колкаво задоволство и` причинуваше тоа, не можеше да престане да се смее. И таа многу сакаше да се облекува, да се преправа. Но, игравме и други игри“, вели Бади.
Ана не била „чудо од дете“
Бади Елиас денес е претседател на фондацијата „Ана Франк“ со седиште во Базел. Неjзе и‘ припаѓаат авторските права на „Дневникот на Ана Франк“. Секогаш кога зборува за неговата братучетка, Бади нагласува дека таа, во основа, била сосема нормално дете.
„Таа беше сосема нормално, весело девојче. Одлично се сложувавме и постојано измислувавме нешто смешно, како сите деца. Многумина поради тоа сметаат дека Ана била „чудо од дете“, но не беше. Нејзиниот талент за пишување се разви во времето што го помина во скривницата. Пишуваше и претходно, но тоа беа само некои обични писма, што ги пишува секое дете“, вели Бади за својата братучетка.
„Длабока, вистинска литература“
Во периодот по 1938 година, писмата биле единствената можност Ана и Бади да останат во контакт. Семејството Франк веќе не можело да патува за Швајцарија, а откако било принудено да почне да се крие, престанале да доаѓаат и писмата од Ана. Нејзиниот дневник е првото нешто, што Бади Елиас го прочитал по војната.
„Бев сосема изненаден од начинот на кој пишувала мојата братучетка. Тоа навистина не беше книга на некое дете, туку потресувачки проект. Сосема длабока, вистинска литература“, вели Елиас.
Денес „Дневникот на Ана Франк“ е преведен на околу седумдесет јазици. Интересирањето за братучетката на Бади не стивнува. Во Јапонија таа се слави како светица, вели Бади Елиас. Со своите 84 години, тој се` уште држи предавања за својата роднина ширум светот.
„Мислам дека тоа е важно. Јас не морав да ја доживеам истата трагична судбина, но затоа за мене стана обврска да се заложам за хуманитарната страна, за идеалите на Ана. Тоа е најмалку што можам на сторам“.
Токму Елиас ја пресече лентата на првиот плоштад во Швајцарија, што го носи името на Ана Франк. Во неделите околу нејзиниот осумдесетти роденден, поканет е да зборува на многу настани. Како преживеан од холокаустот и претседател на фондацијата „Ана Франк“, тој не се откажува од својата братучетка.
Автор: Паскал Лехлер / Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска