1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин срамно ја изигнорира трагедијата во Санкт Петербург

Инго Мантојфел
4 април 2017

Уште многу работи во врска со нападот во Санкт Петербург се нејасни. Но одлуката, да не се осветли Бранденбуршката порта во боите на Русија, е морално и политички погрешна, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/2ae3x
Brandenburger Tor bei Nacht
Фотографија: picture alliance/blickwinkel

По еден терористички напад, на сите безбедносни служби - вклучително и руската - им е потребно време за да ги идентификуваат релевантните траги. Тоа треба да им биде јасно на сите кои во нашето доба на брзи вести веднаш очекуваат одговори, мислења и анализи. Тоа што во Русија и против Русите во изминатите децении се случија бројни напади - пред сѐ исламистички терористички акти - за жал е несреќен факт. Тоа што Русија поради својата политика во Сирија западна уште подлабоко во визирот на „Исламската држава“ е, исто така јасно. Но актуелниот напад во Санкт Петербург сѐ уште не е расветлен. Предвремени политички заклучоци, оттука, треба да се избегнуваат.

Извежбани ритуали по терористички напади?

Тоа што јавноста и медиумите, жедни за брзи пресуди, им оставаат многу малку време на безбедносните служби за целосна истрага и утврдување на фактите, во меѓувреме, за жал, стана дел од извежбаните ритуали по терористичките напади.

Во таквата ритуализирана симболика, во меѓувреме, спаѓа и праксата, неколку минути по напади низ социјалните мрежи да кружат бројни хаштагови. Многу политичари се трудат да споделуваат твитови со сочувства. Стана пракса, националните симболи како Бранденбуршката порта во Берлин да биде осветлена во националните бои на онаа земја во која се случил напад.
Постојат добри причини, ваквите гестови на наводно сочувство да се сметаат за површна и евтина симболична политика. Но проблемот е: кога еднаш ќе почнете со тоа, треба да се остане консеквентен до крај. Затоа што сѐ друго делува како омаловажување на жртвата: „Тоа беа само...“ Тоа што вчера Бранденбуршката порта не беше осветлена во боите на Русија, од овој аспект е неверојатно. Објаснувањето на раководителите на германскиот главен град дека Санкт Петербург не е град-партнер на Берлин е неосновано - ни Орландо во Флорида не припаѓа на тој круг. Но сепак, во јуни 2016 по тамошниот напад врз еден локал во кој се собираа претежно хомосексуалци, Бранденбуршката порта беше осветлена во боите на виножитото - симболот на хомосексуалното движење.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Руските жртви на теророт го заслужуваат нашето сочувство и нашата солидарност исто толку колку и жртвите на исламистичките напади во Орландо, Париз, Брисел или Истанбул, исто како и оние во Ирак, Нигерија, Кенија или Пакистан.

Русите се жртви на терор и на сопственото раководство

Спорната руска политика во Сирија сега не е аргумент за да им се одбива сочувтвото на жртвите од Санкт Петербург. Конечно, нема никакво оправдување за тероризам и насилство против цивили. И за разлика од граѓаните на западните демократии, обичните Руси никогаш не биле прашани на демократски и фер избори, дали ја поддржуваат политиката на нивното државно раководство. Оттука, тие се жртви не само на терористички напади, туку како субјекти се и без влијание.

По ескалацијата на кризата меѓу Западот и Русија изминативе години - поради анексијата на украинскиот полуостров Крим и агресивната политика во Донбас - Западот инсистира дека ја отфрла политиката на Кремљ, но дека рускиот народ го гледа како рамноправен дел на Европа. Доколку Западот тоа искрено го мисли и не сака да биде гледан како лицемер во Русија, тогаш тој има не само морална, туку и политичка обврска, да покаже солидарност со жртвите на тероризмот во Русија. Тоа што вчера Бранденбуршката порта не беше осветлена во боите на Русија, не само што беше погрешно, туку беше и срам.