1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин одби да ги критикува македонските власти

БГ/ап11 април 2016

Германската влада очекува границите да бидат заштитени согласно меѓународното право, соопшти официјален Берлин. Без коментар за употребата на солзавец во Идомени.

https://p.dw.com/p/1ITMs
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Kaman

Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт на денешната редовна прес-конференција одби да го осуди користењето на солзавец од страна на македонските безбедносни сили против бегалците и мигрантите на граничниот премин кон Грција.

Границите треба да бидат заштитени согласно меѓународните правила, изјави Зајберт, коментирајќи го на тој начин прашањето од новинарите, дали Берлин ќе ја осуди употребата на солзавец и гумени куршуми од страна на македонските безбедносни сили.

"Контролата на границите, во секоја земја, мора да биде на линија со меѓународните правни стандарди“, рече Зајберт, кој им порача на мигрантите дека „обидите да ја преминат границата не е надежно решение“.

Зајберт соопшти дека германската влада „со загриженост ги следи тешките услови за живот во привремениот камп во Идомени како и случувањата на грчко-македонската граница во последните 24 и 48 часа“.

Најголемиот дел од илјадниците бегалци и мигранти кои со месеци се заглавени во Идомени посакуваат да стигнат токму до Германија. Од затворањето на балканската рута на почетокот на минатиот месец, осетно се намали и бројот на мигранти кои пристигнуваат во Германија, откако земјата минатата година прими повеќе од 1,3 милиони луѓе.