Берлин и Скопје ќе соработуваат во безбедноста
21 ноември 2019Германија и Северна Македонија потпишаа билатерален безбедносен договор кој ги отвора вратите за засилена соработка и размена на информации меѓу безбедносните служби во двете држави. Договорот во Берлин, вчера, го парафираа министрите за внатрешни работи Хорст Зехофер и Оливер Спасовски.
„Западен Балкан е клучен за стабилноста на целата Европска Унија. Зад нас има многу пријателска и истовремено успешна соработка меѓу нашите две држави. Таа треба да се прошири, исто така и токму во областа борба против тешкиот и организиран криминал како и тероризмот. Договорот што го склучивме ќе ја даде правната рамка за тоа“, изјави германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.
Германскиот министер објасни дека договорот содржи одредби за формите, условите и границите на соработка. Службите во двете држави во иднина ќе разменуваат информации за сторители на кривични дела, ќе соработуваат потесно и репресивно во истраги и при заштита на сведоци.
Двете министерства од претходно потпишаа и договор за донација со кој граничната полиција на македонското МВР ќе добие возила и опрема во вредност од 1,1 милион евра.