1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белорусија: Во потрага по уапсените роднини

Татјана Неведомскаја
13 август 2020

Илјадници лица се уапсени во протестите по претседателските избори во Белорусија. Судбината на многумина не е позната, други пак си ги најдоа роднините. ДВ пренесува три приказни.

https://p.dw.com/p/3gtTW
Belarus Minsk Proteste nach Präsidentschaftswahl
Фотографија: Reuters

Цел ден Олга заедно со многу други чека во улицата Окрестина пред седиштето на полицијата во Минск каде се држат демонстрантите. „Не ни даваат листи. Луѓето одат до шалтерот, кажуваат презиме, па им кажуваат дали лицето се наоѓа таму, или не”, вели Олга.

Луѓето седат пред зградата во надеж дека ќе откријат барем нешто за нивните роднини или пријатели кои беа уапсени во масовните протести насочени против исходот од претседателските избори.

На листа составена од белоруски активисти за човекови права веќе стојат преку 300 имиња. Протестите почнаа на 09.08. веднаш по објавувањето на првите официјални резултати од изборите. И во други градови луѓе со денови се во потрага по свои блиски во полициските станици и затворите, како и болниците.

Павел, специјалист за ИТ

Олга го бара синот Павел кој бил уапсен во еден двор во главниот град на Белорусија, Минск, во ноќта кон 11 август. Специјалните сили го грабнале за долгата коса и го удирале со пендрак по нозете, се потсетува мајка му. „Ги молев да го остават на мира, но тие ми викаа, ме турнаа и ми рекоа да ме нема.” Каде го однеле син и, кој е специјалист за ИТ таа не знае. Цел ден се обидувала да дознае.

Од разговори со мажи кои биле пуштени од притворот дознала дека во ќелии со 4 кревети сместувале и до 40 лица кои постојано биле тепани. Медицинска помош немало. Не примале ни пакети за затворените, дури ни со неопходни лекови.

Belarus Minsk Proteste nach Präsidentschaftswahl
Полицијата апси демонстранти во МинскФотографија: Reuters

Јегор Мартинович, уредник на весник

„Веќе два дена нема никакви информации за Јегор Мартинович,“ напиша на Фејсбук неговата жена, новинарката Дариа Гушчин. Нејзиниот сопруг, главен уредник на весникот „Наша нива“ беше уапсен на 11 август во Минск, кога се враќал дома од работа.

Гушчин известува дека портпаролката на Министерството за внатрешни работи давала различни информации за тоа каде се наоѓа нејзиниот сопруг. Никој не знае каде се наоѓа, а неговото семејство не знае ниту зошто Мартинович е уапсен, ниту како му е.

Повеќе:

Се случува ли втор „Мајдан“ во Белорусија

Белорусија: Тихановскаја принудена да избега?

Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија

Неговата сопруга постојано добива пораки преку социјалните медиуми. Некои и пишуваат дека сопругот и е претепан и дека полицијата се плаши роднините да го видат во таква состојба. „Ги мобилизирав сите што ги знам. Но веќе два дена не можам да разберам ниту каде е тој, ниту каде е неговиот автомобил. Многумина ме прашуваат за него, а јас немам одговори,“ вели Гушчин.

Во меѓувреме таа разбра дека Мартинович бил во затвор во градот Шодшина кај Минск. Неговата сопруга напиша на Фејсбук дека е ослободен.

Максим Швед, режисер

Режисерот Максим Швед исто така беше уапсен ноќта на 11 август во Минск, веројатно додека снимал документарец. „Максим работи на нов проект, во кој таксисти и патници зборуваат што мислат за изборите,“ објаснува неговата пријателка Татјана. Во вторникот Швед ги снимал протестите. „Околу 1 часот ноќта ми заѕвони телефонот. Максим го вклучи спикерфонот и од тоа што можев да слушнам сфатив дека е уапсен,“ вели Татјана.

„Очигледно Максим беше на листата затворени новинари, бидејќи некој го чул неговото име пред зградата на полицијата во улицата Окрестина. Отидовме таму, но не го најдовме,“ раскажува понатаму Татјана. Пријателите на режисерот потоа залудно тргнале во потрага по болниците, а се обратиле и кај белоруската организација за човекови права, Вјасна.

На крај Татјана открила дека режисерот се наоѓа во затвор во градот Шодшина кај Минск. Осуден е поради пружање отпор на полицијата поради што мора да издржува затворска казна.