Бебињата прават врева како млазни авиони
18 јуни 2010Според последните истражувања бебињата можат да прават врева како и млазните авиони - значи да произведуваат и до 120 децибели. Само за споредба - доколку работниците на работа се изложени на врева со јачина од 85 децибели, задолжително е носење на специјални заштитни слушалки. Тоа е границата, по која здравјето е загрозено и тоа значи дека родителите би требало да носат таква заштита - кога бебето им вреска.
Особено се погодени родителите на бебињата кои често и долго врескаат. Скоро секое петто бебе спаѓа во таа категорија! Според дефиницијата на Мехтилд Папоусек, научник која се специјализирала за истражување на бебињата - тоа се бебињата кои во текот на периодот од три недели најмалку три дена неделно врескаат по три часа. Верувале или не, но има бебиња кои се во состојба да врескаат осум часови - без прекин.
Koj сака да го слушнат, мора да биде гласен!
Врескањето не е само врескање. Така на пример германските бебиња врескаат поинаку од француските - гласи резултатот на студијата на научниците од универзитетската клиника во Вирцбург. Типичното врескање на француските бебиња има нагорна мелодија, додека германските бебиња врескаат со надолна мелодија. Постои сличност со јазикот на возрасните Германци и Французи.
Причината за тоа е во фактот дека бебињата уште во утробата на мајката ја регистрираат мелодијата на возрасните, што ја имитираат со врескање. Може да се каже дека врескањето е гласен ран стадиум на говорот....
Автор: Јуте Вебер / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Жана Ацеска