1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден во Европа ќе ги зајакнува трансатлантските врски

Бернд Ригерт
10 јуни 2021

Американскиот претседател Џо Бајден и Европа сакаат да ги оживеат трансатлантските односи и јасно да му ги покажат границите на рускиот претседател. Овој процес би требало да започне на самитот Г7 во Велика Британија.

https://p.dw.com/p/3ugP4
Großbritannien Vor dem G7-Gipfel in Cornwall - Joe Biden, Präsident der USA
Фотографија: Joe Giddens/Pool via AP/picture alliance

Осум дена, четири самити, три земји – распоредот на Џо Бајден за првата посета на Европа во својство на американски претседател е целосно пополнет. Прво, овој петок ќе учествува на самитот на седумте најразвиени земји во Карбис беј во Велика Британија, потоа ќе оди на самитот на НАТО во Брисел, па на самитот на врвот на ЕУ и потоа следната среда следи средба со рускиот претседател Владимир Путин во Женева. На агендата има и многубројни билатерални разговори, меѓу другите и со германската канцеларка Ангела Меркел како и куса аудиенција кај британската кралица Елизабета во дворецот Виндзор.

Главна тема – Кина

Главната цел на ова патување, како што рече советникот за безбедносни прашања Џек Сaливeн спроти доаѓањето на Бајден во Европа, е консолидирање на редовите на западните демократии во глобалната трка со авторитарните режими во Русија, и пред се Кина. Од европска страна пак, како што е најавено, во фокусот се „борба против пандемијата, заштита на климата и придобивките што слободните демократии може да му ги донесат на останатиот дел од светот.“

Großbritannien Cornwall vor G7 Gipfel
Во Карбис Беј, Корнвол, Велика Британија утре започнува самитот на Г7Фотографија: Tom Nicholson/REUTERS

Поради тоа и Борис Џонсон, како домаќин на Г7 самитот покани и други големи демократии како Индија, Јужна Африка и Јужна Кореја. Џонсон, кој по Брегзит сака да ја претстави Велика Британија како глобална сила кога е во прашање дефинирање на агенда говори за „нов сојуз на демократски држави“.

Повеќе: Нов почеток на трансатлантските односи со Бајден?

Но, Бајден не може да очекува дека уште на првата средба со европските партнери ќе формира „сојуз против Кина“, вели за ДВ, Јана Пулиерин, шефица на берлинската канцеларија на „Европскиот совет за надворешнополитички односи“.  „Тоа ќе биде танц по тенка жица“, вели таа. Пред се Франција и Германија имаа задршки кога станува збор за односот кон Кина. Париз и Берлин се обидуваат да пронајдат заеднички јазик со Пекинг, барем кога станува збор за економските односи и заштита на климата. Европската Унија воведе санкции против Кина поради угнетувањето на Ујгурите, но немаше ваков категоричен став во однос на Хонг Конг, како што тоа го стори Вашингтон.

Противтежа на „Патот на свилата“

На Џо Бајден во моментов му е најважно да добие гаранции од Европејците за поголеми инвестиции во Африка и Источна Европа за да се намали влијанието на Кина. „На самитот Г7 треба да бидат поставени темели за глобално партнерство кога станува збор за инфраструктурата и тоа во земјите во развој кои се стремат кон зелени цели. Тоа би требало да послужи како алтернатива на кинеската политика без да биде премногу очигледно“, вели Пулиерин.

И НАТО би требало да почне да се занимава со заканите кои доаѓаат од Кина, но истовремено би требало да ја задржи и Русија во визирот како главна закана за европскиот континент.

Großbritannien Vor dem G7-Gipfel in Cornwall - Joe Biden, Präsident der USA
Фотографија: Patrick Semansky/PA Wire/dpa/picture alliance

Разлика во споредба со Трамп

Пулиерин не очекува голем напредок од средбата Бајден-Путин следната недела. Позициите во споровите околу Украина и Белорусија се премногу спротивставени. Но, важно е Бајден на Путин да му пренесе порака дека Западот зборува во еден глас, што би било сосем различно од неговиот претходник, Доналд Трамп.

Бајден на Европејците не гледа како на противници туку како на драгоцени партнери, смета Рајнхард Бутикофер, експерт за надворешна политика на Зелените во Европскиот парламент. Позитивни се и ЕУ дипломати кои работат на подготовката на серијата самити. „Владее навистина добра атмосфера. Има воља за поголем ангажман и ситуацијата е многу поинаква отколку од претходните години. Можам одговорно да го потврдам тоа, иако и онака повеќе не е тајна“, вели за ДВ еден неименуван дипломат од Брисел.

На самитот на врвот на ЕУ следната недела главна тема ќе биде укинување на царините и давачките наметнати од Трамп. Според информации од дипломатски кругови, има многу доби изгледи да се постигне договор околу ова. Но, Јана Пулиерин предупредува од опасност од еуфорија. Многумина во Европа се скептични дали Бајден ќе може долго да го издржи овој нов надворешно политички курс. „Расположението е добро, но не можеме да говориме за свадбена атмосфера“, вели таа.

Спротивностите остануваат

Имено се уште има доста спорни теми: повлекувањето од Авганистан, спорот околу гасоводот Северен тек II или предлогот на САД за укинување на патентите за вакцини против коронавирусот на што Европејците жестоко се противат. Борис Џонсон се залага за тоа богатите земји да им стават на располагање што повеќе вакцини од досега. ЕУ веќе сега извезува поголем дел од вакцините, а САД и Велика Британија сакаат да го зголемат извозот за да се забрза распределбата на вакцини преку програмата Ковакс.

На живописното крајбрежје во Корнвол, челниците од Г7 за првпат по две години ќе се сретнат во живо. „Тоа многу ја олеснува работата по пандемијата“, вели еден дипломат од Брисел. Но поради многу мерки како задолжително носење маски и одржување дистанца ни овој самит нема да помине во сосем нормални услови како оној пред две години во Франција. Исто така не се очекуваат ниту протести во толкав обем како пред пандемијата. Тридневниот самит ќе го обезбедуваат 6000 полицајци. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија