1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барателите на азил од Балканот речиси без шанси во Германија

АТ/ дпа21 април 2014

Германија презема мерки за да го ограничи приливот на баратели на азил од Балканот. За бегалци од граѓанска војна пак, се бара небирократска постапка.

https://p.dw.com/p/1Blcd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Силниот наплив на баратели на азил во Германија продолжува. Вкупно 37.820 луѓе во првите три месеци од годинава побарале азил во Германија, произлегува од статистиките на германскиот Завод за миграција и бегалци (Нирнберг). Тоа е 75,7 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година, но и околу 2600 барања помалку во однос на последниот квартал во 2013 година. Повеќето бегалци - околу 5500 - потекнуваат од Сирија.

Ополномоштеникот за човекови права во германската влада Кристоф Штресер (СПД), како и партијата на Зелените, бараат небирократска постапка за бегалците од граѓанска војна. Штресер за интернет порталот на втората програма на германската телевизија подвлече дека се разбира оти и сириските бегалци би морале да исполнат одредени критериуми. „Но, ако навистина се сака да им се помогне на луѓето, тогаш тоа мора да оди брзо и небирократски. Тука можеме да бидеме многу подобри“, рече тој.

Земји на потекло од кои во првото тромесечје од 2014 година исто така дошле голем број баратели на азил, според Задоводот во Нирнберг, и натаму се Србија, Авганистан, Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина. Според плановите на германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие (ЦДУ), владиниот кабиент на крајот на април треба да донесе одлука за предлог закон со кој би требало да се ограничи доѓањето на баратели на азил од балканските држави. Портпарол на министерството ги потврди информациите на неделиникот „Шпигел“. Државите Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија во иднина би требало да се сметаат за „сигурни земји на потекло“. Тоа ќе овозможи скратена постапка по барањата за азил и побрзо протерување. Наредната седница на владата е закажана за 30. април.

Повеќето бегалци, освен од Сирија и Авганистан, доаѓаат од земјите на Балканот. Од речиси 22.000 барања за азил од Босна, Македонија и Србија во 2013 година, според „Шпигел“, само во 60 случаи било одговорено позитивно.