1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банкарските провизии- дополнителна казна за граѓаните

Свето Тоевски20 март 2015

Кон крајот на ланскиот декември во Македонија имало 60.463 граѓани со блокирани сметки. Тие бараат заштита и од Народниот правобранител поради превисоките банкарски провизии за блокада и деблокада на нивните сметки.

https://p.dw.com/p/1Et9d
Фотографија: picture-alliance/dpa

Податоците достапни на интернет – страницата на Народната банка на Македонија покажуваат дека заклучно со декември 2014 во Македонија имало 60. 463 граѓани со блокирани сметки. Во однос на истиот месец од 2013 та година, таквата бројка е зголемена за 19 илјади лица. На крајот на 2014 имало 42.220 компании со блокирани сметки во банките, односно, регистриран е пораст од 1.150 нови компании со блокирани сметки. Граѓаните се јавуваат како најголеми должници. На граѓаните им се блокираат нивните трансакциски и жиро – сметки во деловните банки, поради неплатени и заостанати долгови и нивна присилна наплата најчесто според налог на јавните комунални претпријатија во градовите. Потоа следат „ЕВН“, Управата за јавни приходи, локалните власти и институциите на централно ниво, извршителите, нотарите, приватни компании и други доверители. Во ваква ситуација деловните банки наплатуваат свои провизии за блокирање, или за деблокирање на сметките, за која особено граѓаните револтирано укажуваат дека се неоправдани и превисоки. Македонските медиуми пренесуваат поплаки на граѓанин, на кој за присилна наплата на даночен долг од 94 евра во банката му биле биле засметани првин 16 евра за блокирање на сметката, а по некое време речиси 41 евро за нејзиното деблокирање. Има случаи на банки кои засметуваат и многу повисоки, процентуални провизии, зависно од висината на долгот за кој е покрената присилната наплата.

Weltweite Proteste von Kapitalismuskritikern Skopje 15.10.2011
Протести на критичарите на капитализмот во Скопје во 2011 година (архива)Фотографија: DW/V.Kalinski

Огромни добивки од провизиите

Д-р Руфи Османи, професор по банкарство и монетарна политика на Штуловиот универзитет во Тетово, коментира: „Преку блокадите и деблокадите на сметките банките реализираат добивка од 10 – 15 милиони евра, за која тие немаат речиси никакви трошоци, бидејќи тие операции ги извршуваат преку софтверска команда на компјутерите. Преку оваа услуга банките надоместуваат дел од загубата што им се јавува како резултат на зголемените спорни и сомнителни кредити и намалената провизија со порастот на електронското банкарство. Ваквото постапување на банките може да се оквалификува како јавно крадење на парите и на граѓаните и на фирмите.“

Дојче веле побара став од Народниот правобранител на Македонија Иџет Мемети околу реакциите на граѓаните незадоволни поради превисоките банкарски провизии за блокади и деблокади на сметките. Во писмениот одговор се истакнува дека Народниот правобранител не е надлежен да постапува. „Но, факт е дека банките ја користат својата доминантна економска положба, за да добијат согласност на клиентите кон договорните одредби, без можност за преговарање и вистинско договарање, а единствен пат за нивна заштита е покренување парница пред судските органи. Народната банка треба доследно и ефективно да води грижа за заштита на правата на корисниците на услугите на деловните банки и за таа цел, ако утврди дека е потребно, да пристапи и кон преиспитување на на нивното право, безусловно и без какви било ограничувања да ги определуваат ваквите трошоци.“

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи ОсманиФотографија: DW/S.Toevski

Нови правила

Во Народната банка се дистанцираат од проблемот.

„Народната банка нема коментар за практиките на деловните банки, односно за степенот во кој тие ги покриваат, или тврдат дека ги покриваат трошоците со коишто се соочуваат во текот на нивното работење. Се работи за одлуки на самите банки. Согласно со Законот за облигациони односи, трошоците што се наплаќаат треба да бидат одраз на реалните трошоци на деловните банки. Но, одредувањето дали тоа е навистина така го прават граѓанските судови, а не Народната банка. Законот за облигации не забранува да се донесат поврзани закони што би ја регулирале дополнително оваа материја.“

Професорот Османи заклучува: „Ќе треба да се преиспита поставеноста и функционирањето на извршителите и да им се наметне специјален режим на банкарите во случаите кога им ги блокираат сметките на илјадници субјекти, бидејќи така се доведуваат граѓаните на работ на егзистенцијата и до банкрот. Треба да се состави заедничко тело од банкарите, Владата, стопанските комори и економските факулети, со цел да се направи точна пресметка за реалниот трошок, кој го имаат банките за блокирање и деблокирање на сметките. За вакви случаи треба да се применуваат и специјални, ниски провизии, кои ќе бидат исклучиво на нивото на цената на чинење на оваа банкарска операција.“