Да најдеме решенија!
16 септември 2022„Сѐ додека постои волја, постои и решение. Босна и Херцеговина е земја полна со нераскажани позитивни приказни ко ќе се обидам да ги пронајдам заедно со своите колеги“. Ова се зборовите на 23-годишнаа Нусрах Хаџиќ, овогодишна учесничка во проектот „Balkan Booster“, која живее во Хаџиќи, мало место покрај Сараево.
Позитивни приказни нема да се бараат само во Босна и Херцеговина, туку и во Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Србија и Косово. Причина: Проектот „Balkan Booster“ оваа година се фокусира на решенија и позитивни приказни и вкупно осум тимови од по два члена ќе се обидат да го применат сѐ она што го научија во текот на ДВ-едукацијата, зашто: „На сите ни е доста од вести кои нѐ прават немоќни“, вели Нусрах за ДВ.
Таа, заедно со вкупно 15 млади, оваа година повторно го оживува духот на проектот „Balkan Booster“.
„Минатата година учесниците, за жал, не можеа да патуваат, но без оглед на тоа, остварија одличен резултат. Секоја година многу се радувам на соработката со млади, талентирани луѓе и одвај чекам да видам какви позитивни приказни ќе ни донесат тие“, вели Аделјахд Фајлке, главна уредничка на програмата за Европа на ДВ.
„Balkan Booster“ се реализира веќе петта година по ред и досега во него учествуваа над 50 млади од Балканот. Само минатата година младите продуцираа 500 видеа, кои имаа над 200 милиони прегледи.
Прва прилика за патување во соседните земји
На искуството од учеството во овој проект му се радува и Албина Кастрати. Таа е студентка по новинарство на Универзитетот во Приштина.
„Драго ми е што ќе имам прилика да запознаам млади од регионот, да патувам и научам нови работи за други култури и нации“, вели 20-годишната Албина, која никогаш ја нема посетено соседна Црна Гора, од каде доаѓа нејзината партнерка во Balkan Booster тандемот, Милица Радовановиќ.
Младите веќе се запознаа виртуелно на едукацијата за мобилно новинарство, како и на едукацијата за новинарство фокусирано на решенија. Покрај тоа, оваа година имаа прилика да се запознаат и разговараат со двајца германски политичари: Јосип Јуратовиќ, пратеник во Бундестагот од СПД, кој потекнува од Хрватска, како и Мануел Сарацин, пратеник од Зелените, кој воедно е и претседател на Друштвото за Југоситочна Европа. На двете средби младите се интересираа за европската перспектива на своите земји, како и положбата на младите, кои секоја година во сѐ поголем број заминуваат на Запад.
„На младите на Балканот им недостига платформа на којашто ќе слушнат и видат позитивни приказни од својата земја, како и од соседните држави. Токму таа бесперспективност понекогаш ги тера на иселување. Но, целта на овогодишниот проект е токму на младите да им пружиме платформа каде што ќе се слушне нивниот глас и на која младите од различни нации меѓусебно директно ќе соработуваат. Имајќи ги предвид политичките тензии во регионот, се чини дека оваа работа не била никогаш поважна“, нагласува Фајлке.
Младите луѓе веќе ги избраа своите теми. Некои од нив се: решенија за проблемите со загадената животна средина, млади луѓе и креативни идеи против невработеноста, како и природни извори на вода за пиење, какви што сѐ уште има многу на Балканот.
Нусрах Хаџиќ и нејзиниот партнер Денис Тахири веќе ја заврши својата Balkan Booster авантура во Босна и Херцеговина:
„Ова искуство е прекрасно. Не само што работиме со млади луѓе од други земји, туку и првпат имаме можност да го работиме она што го сакаме, да снимаме видеа и да пренесуваме позитивни пораки, какви што во нашите земји има на секој чекор. Само мора да знаеме каде да погледнеме“, заклучува Нусрах.