Балкански муџахедини во Сирија?
24 мај 2013Повикувајќи се на неименувани извори блиски до разузнавачките служби, новинската агенција Срна пишува дека од Балканот во Сирија отишле околу „300 муџахедини, најмногу од Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија и од Србија, односно Санџак“ и дека по враќањето во матичните земји тие имаат статус на „воени ветерани обучени за тероризам“.
Државната агенција на БиХ за истраги и заштита (СИПА) не ги потврдува, но не ги ни демантира ваквите наводи. Кристина Јозиќ, одговорна за информирање, не можеше директно да одговори на прашањето на Дојче веле околу тоа какви се сознанијата на СИПА за државјаните на БиХ кои учествуваат во сириската војна.
„Единствено што можеме да кажеме е дека СИПА ги презема сите мерки и дејства во своја надлежност и ги спроведува сите потребни активности во согласност со обврските кои произлегуваат од Акциониот план и Стратегијата за превенција и борба против тероризмот кои веќе ги усвои Советот на министри“, изјави Кристина Јозиќ.
Странски агенции ја набљудуваат БиХ?
Генералниот секретар на Центарот за безбедносни студии Денис Хаџовиќ вели дека секоја појава на радикализам и екстремизам има одредено влијание врз безбедносната ситуација во Босна и Херцеговина и дека и разузнавачките служби се изненандени од податоците за бројот на државјани на БиХ на сириските борилишта.
„Иако констатиравме дека радикализмот и екстремизмот на споменатите групи претставуваат одредена закана по безбедноста, можеби сепак не бевме свесни дека степенот на радикализација може до таа мера да влијае врз определбата на граѓани на БиХ да се борат на борилиштата во Сирија“, вели Хаџовиќ.
Според него, сепак, не е реална можноста БиХ сега да биде означена како база за регрутирање верски борци или платеници: „Но ќе биде под поголем надзор на странските агенции, а тоа е важен показател и за нашите разузнавачки служби кои треба да му посветат поголемо внимание на тој проблем“, нагласува Хаџовиќ.