1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И војска за заштита на границите?

Емир Нумановиќ / ЕМФ2 април 2016

Централноисточна и Југоисточна Европа сакаат потесно да соработуваат во бегалската криза. При заштитата на надворешните граници на ЕУ во иднина би можело да бидат ангажирани и војници.

https://p.dw.com/p/1IONj
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kanizaj

Австрија профитираше од затворањето на Балканската рута, изјави австрискиот министер за одбрана Ханс-Петер Доскозил на средбата со претставниците на државите од Централноевропското здружение (ЦЕДЦ) во Виена. Покрај министрите за одбрана на Австрија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка и Словачка, на вчерашната средба беа присутни и нивните колеги од Македонија, Полска, Србија и Црна Гора.

Министрите постигнаа согласност околу основите за мешана цивилно-воена мисија, која би требало да интервенира брзо и флексибилно на надворешните граници на ЕУ за да ѝ се даде поддршка на европската агенција за заштита на границите Фронтекс. „Сите овде прават напор и се подготвени да работат на предлози за заедничко европско решение“, рече Доскозил. Ниту една држава не би требало да биде оставена сама во бегалската криза: „Ако една држава бара поддршка, тогаш ние сакаме и заеднички да ѝ помогнеме.“

Предлог за ЕУ и цела Европа

Резолуцијата за ваквата заедничка линија во обезбедувањето на границите би требало да биде поднесена и на наредната средба на ЕУ-министрите за одбрана во Луксембург. „Во вториот чекор ќе разгледаме како оваа цивилно-воена мисија конкретно би изгледала и која земја каде и колку војници ќе испрати. Сега се работи за тоа да се најде заедничка европска линија, при што фокусот е ставен на обезбедување на границите, регистрација и репатријација“, рече Доскозил.

Само еден ден пред средбата во Виена, австриската влада најави заострување на правото на азил. Доскозил и министерката за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер сметаат дека непречен прилив на бегалци би претставувал опасност за „јавниот ред и внатрешната безбедност“. Оттука, Австрија би можела да ја заостри постапката за азил: „Ние нема да дозволиме барања за азил, освен ако тоа не мораме да го направиме согласно извесни критериуми, како што е членот 8 од Конвенцијата за човекови права“, најави Микл-Лајтнер. Во членот 8 е содржано правото на почитување на приватниот и семејниот живот, кое го регулира спојувањето на семејството.

Исто така, постапка за азил ќе биде отворена и за лица на кои им се заканува нечовечки третман доколку бидат протерани во некоја соседна земја, или пак се соочени дури и со смрт. Во сите други случаи бегалците би требало да се враќаат во онаа соседна земја од каде влегле во Австрија.

Griechenland Idomeni Grenze Mazedonien Flüchtlinge
Фотографија: Reuters/M.Djurica

„Остра политика“

Вакви тенденции, според виенскиот политиколог Ведран Џихиќ, предизвикуваат дилеми. „Од тоа, како што може да се види, настанува остра политика. Западнобалканските држави по ова прашање може да сметаат со поддршка на Австрија сѐ додека се работи за практична примена на блокадата на Западнобалканата рута“, вели политикологот. Меѓутоа, во одделни случаи, се очекува политичка поддршка во ЕУ, која е специфична за секоја земја одделно. „Јас, меѓутоа, сум на мислење, дека 'дилови' по ова прашање во регионот сега се опасни. Во многу држави се шират авторитарни тенденции. Националните властодршци едноставно во замена за својата согласност и спроведување на плановите за бегалците бараат поддршка, а таа може да доведе на крајот до уште посилни авторитарни тенденции“, предупредува Џихиќ.

Пред сѐ, не треба да се пречекори линијата за ангажман на војската: „Сликите од гранциите, на пример од Идомени, се и без ангажман на војска многу вознемирувачки, делумно дури и брутални. Во секој случај, таму не се забележува ништо од пријателското лице на Европа“, вели политикологот од Виена. Во сегашната ситуација, од страна на Австрија и некои други држави, се настојува да се преземат сите мерки - вклучително и воени - за да се обезбеди Балканската рута да остане затворена и во иднина. „Државите од регионот ќе соработуваат во тоа. Како противуслуга, како и досега, тие ќе бараат формална поддршка на патот кон ЕУ и неформална поддршка за секоја од владите и нивниот курс“, уверен е Џихиќ.

Но Австрија, и покрај сѐ, се држи до својот заострен курс. Досега бегалците можеа покрај на границата, да поднесат барање за азил и во секоја полициска станица во Австрија. Во иднина тоа ќе биде можно само во центрите за регистрација на бегалци долж границата. Таму барателите на азил ќе бидат држени до 120 часа. Во ова време службениците ќе проверуваат дали барањето за азил да се прифати или не. Различни медиуми во земјата веќе зборуваат за „тврдина Австрија“. Министерот за одбрана Доскозил има намера да ги зајакне и граничните контроли. Неговата порака до Германија гласи: „Онаму, каде што ние спроведуваме гранични котроли веќе нема да има само 'проследување' на бегалци.“