1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци или „економски мигранти“?

Диего Куполо / сн25 ноември 2015

Додека Сиријците, Ирачаните и Авганистанците минуваат низ балканските земји, мигранти од други земји се заглавени во Грција на границата кон Македонија, и протестираат против новата гранична политика. Слика од Идомени.

https://p.dw.com/p/1HCBt
Фотографија: DW/D. Cupolo

Мохамед Абдул-Кадир седи покрај малиот логорски оган. Неговите четири деца спијат во картонски кутии во непосредна близина. Тој чека тука веќе три дена, 25 метри од македонската граница, во бегалскиот камп Идомени, набљудувајќи ги Сиријците, Авганистанците и Ирачаните како ја преминуваат границата.

На сомалискиот граѓанин Абдул-Кадир му е забранет влез во Македонија, поради новите правила за гранични контроли кои забрануваат минување на мигранти од таканаречените „земји без конфликт“. Префрлувајќи ја тежината од едната на другата нога, тој се жали на силни болки во грбот кои се последица од претепувањето од страна на милитантната група Ал-Шабаб.

„Имав свој ресторан и не сакав да соработувам со Ал-Шабаб ,така што припадниците на оваа група ме претепаа со кундаците од пушките. Наредниот ден му кажав на семејството дека мора да ја напуштиме Сомалија“, вели Абдул-Кадир.

Flüchtlinge an der griechisch-mazedonischen Grenze bei Idomeni NEU
Фотографија: DW/D. Cupolo

Тој патувал заедно со група од околу 45 Сомалијци, кои не знаеле што да прават кога дошле во Идомени и виделе дека границите се затворени. Не само што сега се заглавени во Грција, туку и другите бегалци ги дискриминираат во кампот, така што не им даваат да влезат во загреаните шатори на организацијата Лекари без граници.

„Во Сомалија се води граѓанска војна повеќе од 25 години“, вели Абдирашид Али Малин, сомалиски новинар кој живее во Франкфурт и кој помага во кампот. „Но тоа не е вистинскиот проблем. Човековите права се наменети за сите. Сите би требало да имаме можност да живееме добро и да живееме безбедно. Никој не може да ни каже: вие не сте Сиријци и вие немате човекови права.“

Неизвесност

Меѓу 4000 и 6000 бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан влегуваат во Македонија секој ден, вели раководителот на кампот на УНХЦР, Лука Гванцироли. Поради новите одредби за гранични контроли, сите кои не се од овие земји мора да останат во Грција. Тие не добиваат речиси никакви информации за тоа каде ќе биде нивното наредно одредиште. Многу од нив одлучуваат да останат во Идомени, за да видат дали границите повторно ќе бидат отворени.

Гванцироли вели дека капацитетот на шаторскиот камп е зголемен од 1500 на 2500 места. Сепак, многумина остануваат да спијат надвор на картонски кутии, бидејќи автобуси со бегалци пристигнуваат секој час.

„Ова не е камп, ова е транзитен центар“, вели Гванцироли. „Не е креиран да прифати олкав број луѓе и во моментов бараме друго место да ги сместиме оние кои овде ќе останат подолг период“.

Flüchtlinge an der griechisch-mazedonischen Grenze bei Idomeni
Фотографија: DW/D. Cupolo

Кој е бегалец?

Од оние кои се заглавени во Грција, повеќето се од Иран и Пакистан, а има и мигранти од Бангладеш, Буркина Фасо, Египет, Мароко и Непал. Секоја од овие групи има своја причина за барање азил - обично таа вклучува авторитарни власти, ненавремен одговор на економски и природни катастрофи - и сите групи секојдневно организираат протести во близина на границата за да го свртат вниманието на јавноста на ситуацијата во која се наоѓаат.

„Луѓето кои управуваат со нашата земја не можат да управуваат ни со мало место“, вели Мохсен Адине, 27-годишен дизајнер на ентериер од Иран.

Со завои на главата и на десната рака, Адине ни раскажува дека загубил себеконтрола во саботата вечерта и втрчал меѓу македонската полиција која го претепала со палки.

„Не можам само да ги гледам моите луѓе во една ваква ситуација и да не правам ништо. Жени и деца спијат надвор на студ, додека други бегалци ја преминуваат границата... И во Иран има војна, само што тоа е тивка војна“, вели тој.

Griechenland Mazedonien Protest der Flüchtlinge
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Неговата девојка, Махсид Деракшан, 21-годишна брејкденс танчерка од Техеран, вели дека единственото училиште за хип-хоп танц во Техеран морала да го води во тајност, бидејќи властите се премногу тесногради.

„Да знаеја властите што работам, ќе го затвореа моето училиште и ќе ме испратеа во затвор“, вели Деракшан.

Захра, Иранка која не сакаше го открие своето вистинско име, вели дека била исфрлена од програмата за информатика откако на нејзиниот универзитет откриле дека преминала во христијанство. Принудена да го напушти Иран, Захра пред една година започнала да работи во тајност во Турција, ама на почетокот на ноември се вратила во Иран, откако нејзиниот татко доживеал срцев удар. Кога властите дознале дека се вратила, дошле во нејзиниот дом и ја нападнале, вели таа.

„Погледнете ми го лицето“, вели Захра ,покажувајќи на виолетовите траги на нејзините образи и подочници: „Иранската полција ми го стори ова... ме удираа и јас се онесвестив. Кога се освестив бев во полициска станица. Моето семејство плати за да ме пуштат.“

Захра вели дека говори четири јазика и оти би сакала да дипломира, ама дека живот во Иран за неа е невозможен. Таа бара азил заедно со сестра ѝ, чија адвокатската канцеларија била затворена од страна на властите, откако откриле дека им помагала при развод на жени од насилни сопрузи.

„Иран е добра земја, ама не за жените“, вели Захра. „Во наредниот живот, се надевам дека нема да бидам жена, бидејќи жените имаат многу проблеми.“

Griechenland Mazedonien Protest der Flüchtlinge
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Инаку, во оптек се и фалсификувани пасоши. Многумина затоа размислуваат за 50 евра да купат привремено ирачко државјанство за да можат да го продолжат патот. Други пак ја загубија смиреноста, како еден Иранец кој во неделата, во знак на протест се обиде да си ги пресече вените пред да интервенира македонската полиција.

Додека илјада таканаречени „економски мигранти“ чекаат на Идомени, многумина го напуштија кампот за да најдат алтернативен пат до Германија. Половина од сомалиската група со автобус замина за Солун. Кога беа прашани каде одат, еден од нив едноставно одговори: „На друго место“.