Грците во дилеми околу референдумот
28 јуни 2015Танасис Антониу одамна ја донел својата одлука: „Во секој случај ќе гласам против предлозите за штедење од доверителите, а мислам дека овој став е поевропски од кој било друг“, објаснува полн со убедување семејниот човек кој има две деца. Неговото образложение: „Ако гласам со ’да’, за една година гарантирано ќе бидам уште посиромашен. Тоа би било се‘ друго освен европска перспектива.“ Крајно, Европа и за Грците е синоним за благосостојба и демократска култура, вели Антониу. Ако веќе дури и во Калифорнија се организира референдум за легализација на марихуаната, неразбирливо е зошто еден европски народ да не треба да се изјасни околу својата сопствена иднина.
Грчкиот параламент ноќта кон неделата (28.06) по турбулентна 14-часовна дебата донесе одлука за народно изјаснување околу договорот со кредиторите кое треба да се одржи на 5. јули. Во говорот пред пленумот Ципрас остави невообичаено борбен впечаток и меѓу другото истакна дека нема да ги моли ниту господин Дајселблум, ни господин Шојбле за дозвола за референдум во Грција. Антониу не ја крие својата симпатија за Сириза, но и за Европа. Според него, европската интеграција е грчка судбина и тука не треба да се чепка. Но, Антониу, долги години вработен во издаваштво, е сигурен дека идејата за Европа не смее да се редуцира само на валутата: „Европа за мене значи култура на толеранција и заеднички вредности. Но, истовремено и достоинствен живот без економска беда“, вели 48-годишниот маж од пристанишниот град Халкида.
„Мора да се постават приоритети“
И Ахилеас Киркиотакис е приврзеник на референдум, но од други причини: конечно е време грчкиот народ да ја преземе одговорноста и да донесе јасна одлука: за или против еврото и враќање кон драхмата, вели такси-возачот. 33-годишниот таксист се бори за економско преживување и најрадо го апстрахира својот страв за сопствената иднина. „Сега сум на возраст кога се зема својот живот в раце и пред себе се имаат бројни години професионална работа. Затоа, не можам да си дозволам капитулација поради страв, иако моментно имам долгови. Но, кој денес нема долгови?“ вели тој во разговор за Дојче веле.
Киркиотакис пледира за поголема скромност и реализам во кризни времиња: „Ако прашате 1.000 Грци за нивната економска ситуација, од сите ќе добиете ист одговор: едноставно, лошо е. Притоа, мора да се постават приоритети и да се редуцираат сопствените потреби.“ Тој, во секој случај, максимално вложува во својата работа, вели курпулентниот човек со видна гордост: Тој е зад воланот на својот автомобил и до 14 часа дневно, вклучително и на викенд.
Танасис Антониу зад себе има неброени 14-часовни работни денови. Поранешната работа во издаваштвото и во новинарството му причинувала и многу задоволство, но кризата во 2008 година целосно го урнисала: веќе седум години се мачи со несигурни работи. „Во 2010 година дури подолго време бев и невработен, оттогаш добивам само поедноставни и послабо платени работни места“, раскажува тој за Дојче веле. При целата огорченост, двократниот татко сепак е европски ориентиран. Но, додава: „Ако еврото ја задушува Грција и на луѓето во земјата не им дава да дишат слободно, мора да се размислува за излез од еврозоната. Но, стравувам, тоа ќе биде пораз за Грција, а и за Европа.“
Во прашање е еден цел народ
Според анкета на атинскиот неделник „То Вима“, 47 проценти од Грците се изјасниле во полза на најновите предлози за штедење од меѓународните кредитори. Само 33 проценти биле против. Во однос на преговарачката тактика на премиерот Алекис Ципрас, духовите се поделени: 48 проценти од испитаниците го оправдуваат однесувањето на премиерот, а 50 насто го оценуваат негативно. За „крај“ со кредиторите се залагаат само 26 проценти од прашаните граѓани.
Алексис Папахелас, директор на атинскиот дневник „Катимерини“, е загрижен: тоа што евроминистрите за финансии се советуваа, а грчкиот министер Варуфакис не смееше да учествува, е невидена постапка. Грција практично со една нога веќе е надвор од еврозоната, предупредува аналитичарот за ТВ Скај. Тој додава: „Се надевам, ЕУ-партнерите разбираат дека не е во прашање само една одделна влада или еден премиер, туку судбината на цел народ.“