1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wikileaks Assange

8 декември 2010

Американската администрација само бара можност да покрене судски процес против Џулијан Асанж. Но, САД со прогонот на основачот на интернет платфромата Викиликс си причинува најголема штета.

https://p.dw.com/p/QRtD
Фотографија: DW

Што точно се случило во двете ноќи во август годинава во Шведска, каде Џулијан Асанж наводно силувал две девојки, тоа е тешко да се дознае. Во секој случај многу амбициозниот прогон на шведските власти насочен кон Џулијан Асанж тешко може да се протолкува, освен во контекст на прогонот што против него го спроведува светската супер сила, Америка.

Секако дека е болно за таква голема сила да гледа како некоја мала група млади луѓе ги објавува на интернет нејзините тајни документи, прво за војната во Авганистан, потоа за онаа во Ирак и сега за тајните депеши на министерството за надворешни работи во Вашингтон. Но, токму гневот што се забележува кај американската администрација е вистинската опасност за угледот на светската супер сила. Бидејќи од објавените тајни документи за војната во Авганистан не можеше да се дознае нешто многу ново и посебно не повеќе од она што критичарите на овој воен ангажман го тврдат веќе подолго време, имено дека таму ништо не оди добро! Ни во објавените тајни дневници од Ирак не стоеше нешто повеќе, што ќе не’ придвижеше да ја смениме негативната слика за овој воен ангажман, кој е спротивен на меѓународното право.

Deutsche Welle Zentrale Programmredaktion Matthias von Hein
Авторот Матијас фон ХајнФотографија: DW

Дипломатска дефанзива

Секако дека сега е тешко и напорно што дипломатскиот персонал на Америка мора со недели да се извинува по светските метрополи и да смислува објаснувања за да ја намали штетата по угледот на светската супер сила. Но, главната штета за нејзиниот углед сепак доаѓа од обидите на шефицата на Стејт департментот, Хилари Клинтон, да го стилизира објавувањето на тајните документи во „напад врз меѓународната заедница“. Или пак кога основачот на Викиликс го нарекуваат предавник, терорист, тежок криминалец и слично. Угледот на Америка најмногу трпи кога системот за наплата преку интернет „Пејпал“ му ги блокира сметките на Џулијан Асанж и кога „Мастеркард“ не и’ ги префрла парите на платформата Викиликс, што и’ пристигаат од разни страни. Или пак кога големата американска трговска мрежа преку интернет „Амазон“ дури го исфрла Викиликс од нејзиниот сервер. Слободата на јавното мнение има многу важно место во американскиот устав, многу поистакнато од она што го има во германскиот. Сега, по ваквата кампања против Асанж, во поинаква светлина ќе се гледаат прашањата од кинеските интернет-форуми околу тоа дали слободата на јавното мнение во Америка е вистинска.

Цивилизирано ниво

Мора да можеме да разликуваме меѓу оние кои се занимаваат со шпионажа во Америка и меѓу оние кои нудат платформа за објавување на протечените тајни податоци. Веќе количеството објавен материјал покажува дека станува збор за сосема нова димензија во објавувањето тајни документи. Таа, пак, се чини како логична последица на технолошкиот развој во модерното време. Ако е точна информацијата дека до базата на податоци со тајните документи на американската влада имаат пристап дури 800.000 лица, тогаш никого ни не треба да го чуди фактот што толкаво количество тајни информации протекоа во јавноста.

Во античка Грција било обичај понекогаш да се убие курирот кој донел некоја непријатна или неповолна вест. Во 21 век модерниот свет би требало да биде многу поразвиен и поцивилизиран. Светската супер сила и „колевка на демократијата“ би требало тоа да ни го покаже. Со ваквата кампања на прогон против Џулијан Асанж, САД не сведочат за таков цивилизиран развој.

Автор: Матијас фон Хајн/ Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски