Аргентина се одмазди за поразот во финалето
4 септември 2014Фудбалската репрезентација на Аргентина синоќа на пријателски натпревар во Диселдорф ја победи Германија со 4:2. Со тоа „гаучосите“ им се реваншираа на Германците за поразот во финалето на Светското првенство во Бразил.
Стрелци за Аргентина беа Агуеро, Ламела, Фернандез и Ди Марија, а за Германија Ширле и Геце. Поради повреда, за Аргентина не настапи најдобриот фудбалер Лионел Меси.
Во германската репрезентација, пак, недостасуваа редица стандардни првотимци. Од националниот дрес веќе се простија капитенот Филип Лам, најдобриот стрелец Мирослав Клозе и дефанзивецот Пер Мертезакер. На дуелот против Аргентина поради повреди не настапија ниту организаторот на играта Месут Езил и новиот капитен Бастијан Швајнштајгер, Семи Кедира, како и централниот дефанзивец Матс Хумелс.
Подмладениот германски состав имаше повеќе од играта, но не успеа да ги искористи бројните шанси за гол. На другата страна, Аргентинците беа прецизни во контра-нападите. На клупата на Аргентина како нов селектор дебитираше доскорашниот тренер на Барселона, Херардо Мартино.