1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антифашизмот во Србија како украс

Сања Клајиќ/Б. Георгиевски20 октомври 2014

На 20 октомври, денот кога Белград е ослободен од фашистичкиот окупатор, Дојче веле истражува колку Србија навистина го чува своето антифашистичко наследство

https://p.dw.com/p/1DYq4
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Судејќи според размерите на прославата за ослободувањето на Белград од фашистичкиот окупатор, би можело да се заклучи дека антифашизмот е грижливо чувано наследство со кое Србија се гордее. Но, токму во пресрет на грандиозната прослава на една од најголемите битки од Втората светска војна на територијата на поранешна Југославија, реалноста сурово го демантира таквиот впечаток.

Токму во пресрет на воената парада, еден 19-годишен неонацист уби двајца бездомници во Рашка, но во сенка на другите актуелности овој настан остана само уште една вест во рубриката Црна хроника.

Ваквите настани се резултат на кризата во која луѓето во Србија живеат непрекинато, но одговорноста за идеолошката основа на тоа двојно убиство го сносат оние кои се обидуваат во целост да ја релативизираат историјата, смета историчарката Дубравка Стојановиќ. „Без улогата на образованието и интелектуалците кои се впрегнаа во историска ревизија на Втората светска војна, неонацистите сигурно би имале помалку идеолошки предци, одошто ги имаат благодарение на сѐ што се случуваше, особено по 2000. година“, вели Стојановиќ.

Децениски ревизионизам

Обидите за историски ревизионизам во Србија траат од почетокот на војните во 90-те, но конечниот удар следеше со доаѓањето на демократските власти, тврди историчарката. Српскиот парламент тогаш усвои закон со кои се изедначуваат четничкото и партизанското движење, а набрзо потоа следеа и судските рехабилитации на генералот Дража Михаиловиќ и претседателот на владата Милан Недиќ и на неговите министри.

Gedenken an General Mihajlovic in Serbien Srebrenica Bosnien Mladic Karadzic
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тогаш во Белград беа сменети имињата на 900 улици, беа уривани споменици, празниците се менуваа, вклучително и 20 октомври кој беше укинат. И тоа не само што беше укинат, туку градоначалниците на Белград изјавуваа дека не сакаат да појдат на гробиштата на ослободители на Белград, нарекувајќи го 20 октомври- окупација“, вели Стојановиќ.

Од 2002 година се менуваат и школските учебници, па улогата на позитивци ја преземаат четниците, додека партизаните стануваат лоши момци. „Во целост е сменета сликата и за едните и за другите. Тоа е сега во целосен несклад со историската наука. Сега се говори за воени злосторства на партизаните, а не за воените злосторства на четниците, кои реално и ги вршеле. Се говори за некаква колаборација на партизаните со Германците, која не постоела, а не се говори за четничката. Повеќе од 12,13 генерации се школувани на тој начин. На тој начин всушност е укинат антифашизмот, а анти-антифашизмот стана државна идеологија“, вели Стојановиќ.

Виновни се комунистите

Антифашизмот денеска се споменува само во пригодни моменти и се употребува во геополитички цели, смета социологот Дарио Хајриќ. „Да не беше договорена посетата на Путин на датум кој календарски беше блиску до Денот на ослободувањето на Белград, нашето присетување на антифашистичкото минато ќе беше сведено на вообичаените агенциски вести за протоколарно положување цвеќе“.

Срамежливото потсетување на антифашистичкото наследство вообичаено се оправдува со трауматичното искуство со тоталитарниот комунистички режим. „Тој аргумент не држи, бидејќи замислете што би требало тогаш Русите да прават доколку во целост ја идентификуваат сталиновата победа во Втората светска војна, која е несомнена, со неговите чистки и злосторства“, вели Дубравка Стојановиќ. „Таквите нешта мора јасно да се одвојат и нешто што се случува во наметнувањето на комунистичката власт по војната преку убиства, преки судови, итн. не може да има никаква врска со улогата на партизаните во Втората светска војна“.

Старата гарда го чува сеќавањето

Но, и покрај 20-годишните обиди за историски ревизионизам, антифашистичкото наследство и натаму се чува, вели антифашистичкиот активист Дашко Милиновиќ, но него го чуваат оние кои се школувале во некои други времиња и кои не биле индоктринирани со приказната за две антифашистички движења. „Затоа е и прашање уште колку ќе постои, бидејќи тој се гаси кај младите луѓе. Тие не се свесни ни за историската, ниту за идеолошката димензија на антифашизмот, ниту тие вредности им се всадуваат“, вели Милиновиќ.

Tomislav Nikolic kündigt vorgezogene Parlamentswahlen in Serbien an 29.01.2014
Томислав НиколиќФотографија: Reuters

Оптимистите би рекле дека трендот на историски ревизионизам е запрен, и дека фактот што партизанските команданти Пеко Дапчевиќ и Коча Поповиќ неодамна добија свои улици во Белград знак дека Србија повеќе не се срами од своето антифашистичко минато. Но, нашите соговорници сметаат дека е тоа само маска која брзо ќе падне. „Кога ќе погледнете под црвената, украсна хартија, ќе видите дека до Путин стоеше човек кој сѐ уште ја носи титулата на четнички војвода и дека партизаните и државата која ја создале се третираат, речиси полошо и од окупатори. Откако тенковите се тргнаа од улиците, ни остана само грдата суштина“, вели Хајриќ.