1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел ја налути Европа!

20 мај 2011

Не стивнуваат реакциите по изјавата на германската канцеларка Меркел дека граѓаните на задолжените јужноевропски земји треба повеќе да работат, а помалку да одмараат. Жестоки критики за Меркел низ цела Европа

https://p.dw.com/p/11JmV
Фотографија: AP

Португалскиот премиер Жозе Сократеш ги отфрли сугестиите на германската канцеларка Ангела Меркел дека граѓаните на државите од југот на Европа треба повеќе да работат и подоцна да заминуваат во пензија. Според Сократеш, Европа треба да се движи кон поголема униформност кога станува збор за прашањата од социјалата, но Португалците немаат проблем со тоа. Неговата земја неодамна доби заем од 78 милијарди евра од ЕУ за да избегне финансиски колапс. Претходно поголеми суми беа одвоени и за Грција и Ирска.

Најголемиот дел од овие пари беа издвоени од Германија, како најбогата членка на Унијата, а тоа предизвика нервоза не само во германската политика, туку и меѓу граѓаните. Сепак, Меркел досега ретко била толку директна во критиката и во пораките упатени до други земји.

„Германија помага, но тоа го прави само тогаш кога и другите ќе ги вложат своите напори. Ние ќе ги платиме вашите долгови, но само доколку и Вие, јужњаците, имате помали годишни одмори и подоцна заминувате во пензија“, изјави Меркел во говорот на една партиска конвенција на нејзината ЦДУ во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Габриел обвинува за евтин популизам

Грците се налутија, Шпанците се навредени, а првиот човек на португалскиот работнички синдикат нејзината изјава ја нарече „чист колонијализам“.

Sigmar Gabriel Rücktritt Verteidigungsminister zu Guttenberg
Шефот на опозициската СПД, Зигмар ГабриелФотографија: picture alliance/dpa

Ништо помали не се критиките ниту во домашната, германска, јавност. Лидерот на најголемата опозициска партија, СПД, Зигмар Габриел во изјава за интернет-изданието на магазинот „Шпигeл“ оцени дека Меркел со изјавата буди анти-европски сентименти. „Меркел се определи за популизам, наместо за аргументи“, изјави Габриел.

Според шефот на партијата на Зелените, Чем Ездемир, изјавата на канцеларката воопшто и не е блиску до вистината кога станува збор за земји како Португалија и Грција. Според статистиката, вели Ездемир, во Грција во просек граѓаните одат во пензија со навршени 61,4 години, додека во Германија просекот е 61,7 години.

Социјалдемократот и поранешен министер за финансии, Ханс Ајхел оцени дека станува очигледно оти канцеларката Меркел има големи проблеми во сопствените редови да го протурка планот за нов пакет помош за банкротираната Грција.

Германците одмараат повеќе од Грците

Griechenland Finanzkrise Finanzminister George Papaconstantinou in Athen
Грчкиот министер за финансии Јоргос ПапаконстантинуФотографија: dapd

Критиките за официјален Берлин стигнаа и од европските партнери.

„Потребна ни е европска солидарност, не само поради самата солидарност, туку и поради германското стопанство. Тоа треба јасно да се објасни. Германија извезува околу 70 проценти од своите производи на европскиот пазар. Доколку имаме проблеми на европскиот пазар, проблем ќе има и германската економија“, оцени францускиот министер за Европа, Лоро Воквије.

Медиумите во меѓувреме пресметаа дека изјавата на Меркел е неточна од повеќе аспекти. Не само што просекот на заминување во пензија на Германците е многу сличен на јужноевропските народи, туку Германците се народ кој најмногу одмара во текот на годината во европски рамки. Па така, Германците просечно во текот на годината добиваат 24 работни дена одмор, за разлика од Португалците и Шпанците кои добиваат 22, а Грците- 20.

Автор: Селма Филиповиќ, Марсел Фирстенау/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска