Ангела Меркел заработува премалку?
30 декември 2012
Во Германија канцеларите, односно, канцеларката заработува премалку: во однос на многу други професии во кои не мора ниту толку да се работи ниту да се има толкава одговорност. На пример во Северна Рајна Вестфалија речиси секој директор на банка заработува повеќе од канцеларката, изјави Пер Штајнбрик во разговорот за весникот „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг" Со тоа кандидатот на опозициската Социјалдемократска партија на следните избори во Германија (во септември 2013 година) повторно ги разбранува мислењата, како на јавноста така и на оние во редовите на сопствената партија. Пред неколку недели излезе на виделина дека тој во изминатите 3 години за 90 одржани предавања во германските компании, комори и здруженија, заработил 1,2 милони евра. „Јас парите ги сметам само како инструмент. Иако многумина ме сметаат за „богат социјалдемократ“, и јас имав периоди кога имав малку пари. Но, и покрај тоа, парите мене не ми будат никакви еротски чувства...“, рече Штајнбрик.
Поранешниот германски канцелар и партиски колега на Штајнбрик, Герхард Шредер за весникот „Билд ам Зонтаг“ изјави како според негово мислење канцеларите во Германија заработуваат доволно, односно, дека се „соодветно платени“. „Кој смета дека политичарите се премалку платени, може да си побара друга работа“, рече Шредер.
Платата на канцеларката сепак (по малку) расте
Мометалните месечни примања на германската канцеларка Ангела Меркел изнесуваат 16.085,91 евра. Во мај годинава владата донесе одлука за зголемување на нејзината плата и тоа од јануари 2013. за 200 евра. Понатамошни зголемувања се планирани од март и август следната година. Во секој случај треба да се нагласи дека тоа ќе биде прво зголемување на месечните приходи на германските канцелари во последните 12 години. Со сите зголемувања Меркел следната година месечно ќе заработува 17.016,16 евра. На оваа сума треба да и‘ се додаде и сумата од 8.000 евра за разни додатоци.