1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американска недоверба кон Меркел

Миодраг Шориќ/ превод: Ж. Ацеска27 февруари 2015

Германската канцеларка не ја заслужува недовербата на Вашингтон, ни злонамерната критика на оние американски кругови кои засекогаш се заробени во минатото на Студената војна, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1EiYD
Фотографија: Alex Wong/Getty Images

Германците тоа не го умеат. Во сите изминати децении не го умееjа. Немаат персонал. Им недостига искуство, вештина, воен апарат за да бидат сериозно зфатени на дипломатската сцена. А кога ќе се обидат, како сега Ангела Меркел, тогаш тоа се граничи со надменост.

Бројни се оние кои на ваков начин во Вашингтон ги коментираат обидите на Меркел да реши истовремено две кризи, Грција на работ на државен банкрот и источноукраинскиот конфликт.

Недовербата на Американците кон Германија зачудува дотолку повеќе кога се знае дека тие немаат поверен сојузник во Европа. Своевремено дури и американскиот претседател Џорџ Буш сениор ги охрабри Германците да преземат водство во решавањето на надворешно-политичките проблеми во Европа. По четвртина век Берлин конечно презема поголема одговорност, а Германија од Вашингтон ја заплискува бран критика. Нетрпеливост првенствено покажуваат американските интервенционисти.

Од каде сомнеж?

Се чини, за тоа постојат неколку причини. Пред се‘, Американците не се навикнати во спорот со Москва главниот збор да го води Берлин, а не Вашингтон. Меѓутоа, германската канцеларка постојано се договара со европските и со американските сојузници, а дури потоа презема нешто. Така на авторитарниот шеф на Кремљ не му успеа да внесе раздор меѓу западните сојузници.

Токму од тоа стравува понекој поборник на Студената војна од Вашингтон: Гермаnија би можела да се оддели од западниот сојуз и долгорочно можеби да воспостави партнерски однос со Русија. Како и во 1922 година, кога Германија во Рапало склучи сојуз со Советскиот сојуз, што наиде на неодобрување на западните сили. Од таа спогодба, родена од немајкаде по Првата светска војна, помина речиси еден век. Германската канцеларка јасно кажа дека нема да има партнерство со Русија во модернизацијата се‘ додека Москва ги помага сепаратистите во источна Украина.

Можеби причините за недовербата кон Меркел се сосема поинакви. На пример, завист зашто е во состојба да разговара со Путин, додека Обама, очигледно, не е. Или тајно восхитување, зашто госпоѓа Меркел не повлекува пребрзано „црвени линии“ за потоа да ги брише кога тоа го налагаат приликите. Во тоа Американците имаат повеќекратно искуство. На пример, Обама се закани со воена интервенција во Сирија ако претседателот Асад употреби хемиско оружје против бунтовниците, а кога тоа беше употребено, не презеде ништо.

Miodrag Soric
Миодраг ШориќФотографија: privat

Меркел е за европски решенија

Гледано со американски очи, потребно е време за навикнување на стилот на раководење кој ја одликува германската канцеларка. Таа мора да се договори со партнерите во ЕУ пред да преземе нешто, и во случајот со Грција и со Украина. Тоа понекогаш трае со денови, па и недели. За Вашингтон, во секој случај, тоа трае предолго.

Америка сака едноставни решенија. Госпоѓа Меркел е недоверлива кон такви решенија. На пример, во однос на Грција. Таа е против отпишување на грчките долгови, зашто тоа би можеле да го бараат и други држави. Германската канцеларка се противи на испраќање оружје во Украина, зашто знае- тоа само ги ги зголемило страдањата на населението. Путин секако уште подлабоко би посегнал во својот магацин со оружје.

Пред да претераат во критиката кон Ангела Меркел, Американците прво би требало да ги проанализираат резултатите на својата надворешна политика. Во Авганистан, Ирак и Либија. Американците победуваат во битките, но на крајот ја губат војната.

Не постојат гаранции за успех на Меркел во решавање на украинската и на грчката криза. Сепак, во интерс на Американците е да ја поддржат. Германската канцеларка не заслужува исмејување на оние од Вашингтон кои се вечно заробени во минатото.