1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Али Агџа наскоро на слобода

15 јануари 2010

Атентаторот на папата Јован Павле Втори следната недела ќе биде ослободен од затвор. По трите децении минати во затвор, Али Агџа се‘ уште не е заборавен, а планира и да ја наплати својата „слава“.

https://p.dw.com/p/LVre
Али Агџа бара 4 милиони долари за филмските права за неговиот животФотографија: AP

Мехмет Али Агџа одлежа 19 години во затвор во Италија поради обидот за атентат врз папата во 1981 година. Потоа, беше префрлен во затвор во Турција каде отслужува казна за други криминални активности.

И покрај децениите минати во затвор, Али Агџа останува позната фигура во Турција. Во 1981-та тој пукаше и сериозно го рани папата Јован Павле Втори. Мистеријата околу атентатот и околу мотивите на Агџа останаа до ден денешен непознати. Сега, тој наводно бара 4 милиони долари за филмските права на неговата приказна, и два милиони долари за интервју со него. Ваквите барања предизвикаа жестоки реакции во Турција и во Италија. Но, некои издавачи велат дека постои голем интерес за она што Агџа има да го каже, особено доколку атентатот бил дел од поголем заговор. Агџа беше често поврзуван со турска ултранационалистичка група која во 70-те години изврши бројни политички убиства. Самиот Агџа во 1979 година го застрела Абди Ипекчи, уредник на најпознатиот весник во земјата. Шпекулациите и конспиративните теории сугерираа дека тогашната тајна служба на комунистичка Бугарија го ангажирала Агџа за убиството на папата. Но, се редат прашања и околу тоа колку е Агџа при здрава свест.

Идол на турските националисти

„Јас сум господ. Јас сум месијата“, извикуваше Агџа пред 2 години кога го апсеа турските полицајци, по пуштањето од затвор во Италија. Во Турција тој сега ја отслужува казната за убиството на Ипекчи. По децениите минати в затвор, кредибилитетот на она што тој има да го каже е доведен во прашање. Неодамна во писмо до еден британски весник, Агџа најавуваше крај на светот и соопшти дека ќе напиште перфектно свето писмо. Тој е убиец, но за некои турски националисти, во истовреме е и херој.

Papst mit Attentäter
Во 1983 година папата Јован Павле Втори го посети Агџа во неговата затворска ќелијаФотографија: AP

Пред две години кога беше одведен во полициска станица неговите поддржувачи скандираа „Агџа е нашиот лидер“, а многумина фрлаа цвеќиња врз полициските возила. Слични сцени се очекуваат и при неговото ослободување.

Сепак, мнозинството Турци во него гледа единствено убиец и симбол на едно минато време во кое луѓето беа убивани поради нивните политичките погледи. Ослободувањето на Агџа и неговиот обид да ја продаде својата приказна несомнено ќе предизвикаат жестока дебата околу овој човек и неговото насилно минато.

Автор: Доријан Џонс / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска