1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алијанса со прикриени намери

Керстен Книп/ЗЈ18 декември 2015

Саудиска Арабија формира алијанса за борба против Исламска држава. Опфатени се многу земји од регионот и таа алијанса треба да ја направи ИД неатрактивна за приврзаниците. Но, Саудиска Арабија има и друга, прикриена цел.

https://p.dw.com/p/1HOIR
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Nureldine

На сириското небо наредните месеци ќе се најдат уште повеќе воени авиони. Со години режимот на претседателот Асад го бомбардира населението. Потоа со напади против терористичката организација Исламска држава (ИД) започна коалиција предводена од САД. Во меѓувреме и Русите бомбардираат различни цели. Сега во борбата против теророт во сирискиот воздушен простор треба да се вклучат и авиони на новата алијанса предводена од Саудиска Арабија. Во неа членуваат 34 држави од Блискиот Исток, Азија и Африка.

Но, каква воена смисла има таа нова алијанса? „Во воздушниот простор над Сирија во меѓувреме владее таков хаос, што всушност тешко дека било кој има увид кој таму кого бомбардира“, оценува Михаел Лидерс, експерт за Блискиот Исток. Густиот сообраќај значително ја компликува ситуацијата - веќе и случаен судар на два борбени авиона може да води до ескалација.

Аспирации за политички легитимитет

Ситуацијата може натамошно да се влоши првенствено за сириските цивили, стравува Али Ибрахим, политички коментатор. Тој укажува и на последиците од тоа за Европа: десетици илјади Сиријци се подготвени да минат преку Средоземното море, што може да предизвика натамошни проблеми и несогласувања во ЕУ.

Saudi-Arabien Bekanntgabe Anti-IS-Allianz - Mohammed bin Salman
Фотографија: Reuters/Saudi Press Agency

Новата алијанса има политичка заднина. Летовите на западниот сојуз во последно време се на удар на критика. „Западните бомби во Ирак и Сирија ќе создадат исто толку нови џихадистички борци, колку што и ќе уништат“, пишува блискоисточниот експерт Серж Алими во весникот „Монд дипломатик“. „Трајното решение зависи од народите во регионот, а не од некогашните колонијални сили или од САД“, смета тој.
Така, новата алијанса теоретски може да е со аспирации дека има посилен легитимитет оти обединува редица некогаш колонизирани држави. Бенин, Брегот на слоновата коска и Мали од некогашната француска колонијална Западна Африка се потврда дека во Сирија интервенираат не само критикуваните западни држави, туку и земји кои некогаш беа под нивно владеење. Муслиманските држави од коалицијата се противтежа на пропагандата од ИД дека во Сирија и Ирак се води „крстоносна војна“ против исламот.

Syrien Idlib Flüchtlingslager
Бегалски камп во северна СиријаФотографија: picture-alliance/dpa/AA/C. Genco

Спорна водечка сила

Но, во новата алијанса е спорна водечката сила - Саудиска Арабија. Таа веќе девет месеци води војна во Јемен, во која според наводи на ОН досега има 6000 загинати и 30 000 ранети лица. Во бегство внатре во Јемен се 2,3 милиони луѓе. Саудиска Арабија, според Михаел Лидерс, е спорна како противник на ИД првенствено поради нејзината крајно конзервативна идеологија: „Саудиска Арабија е земја со политичко-религиозно уредување кое дури и не е толку многу различно од системот на ИД. Во таа земја годинава се егзекутирани со отсекување глава со меч повеќе осудени луѓе, отколку што обезглавија џихадистите на ИД. Затоа Саудиска Арабија е особено непогодна за таа улога“.
Од друга страна, Саудиска Арабија и самата одамна е загрозена од ИД. Терористичката организација повеќепати се обиде од Ирак да ја пробие границата кон саудиското кралство, а се одомаќи и во Јемен. Откако САД, по нападот на Ирак врз Кувајт во 1990. година, стационираа трупи во Саудиска Арабија, многумина политички исламисти веќе не се импресионираат од вахабитите, чуварите на саудиската државна религија. Напротив, тие одамна ги сметаа вахабитите за соработници на владата која ја бие глас за корумпирана.

Ривалот Иран

Наспроти таа влада, ИД настапува како неподмитливо движење, пишува интернет-магазинот „Ал-Монитор“, кој се занимава со политиката на Блискиот Исток. Освен тоа, ИД е во функција на стариот сон на политичките исламисти за повторно воспоставување на калифат, кој беше укинат од турскиот претседател Ататурк во 1924. година. Со тоа ИД изгледа атрактивна за многу страни.
Згора на ова, многумина муслимани се огорчени на авторитарните режими во регионот. „Тоа огорчување го наследи младата генерација. Таа сака да припаѓа кон организација која обединува власт, религија и совремието - а токму тоа им го нуди ИД“, се вели во „Ал-Монитор“.

Новата алијанса може да ја засили затегнатоста не само на сунитска страна. Веројатно натамошно ќе се влошат ионака веќе затегнатите односи на Саудиска Арабија со шиитите, а особено со Иран. Со алијансата се заострува и индиректната, преку грбот на Сирија водена саудиско-иранска воена конфронтација, вели Михаел Лидерс. Уште повеќе и затоа што за Саудиска Арабија, колку што е во прашање борба против ИД, исто толку е на дневен ред и борба со Иран за превласт, односно за ограничување на неговото влијание.