1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алијансата на Орбан со Ердоган

Кено Верзек
7 ноември 2019

Денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган e повторно во посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата одржуваат блиски пријателски односи, а имаат и многу заеднички интереси.

https://p.dw.com/p/3ScS1
Ungarn Staatsbesuch Tayyip Erdogan bei Viktor Orban
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Унгарскиот премиер Виктор Орбан не остава простор за двоумење какви политичи преференци има. Тој им се восхитува на силни авторитарни лидери.  Во нелибералните земји како Русија, Кина, Турција или Сингапур гледа модели за успех, чиј пример треба да го следи и Унгарија. И како никој друг лидер од ЕУ, тој негува тесни, пријателски врски со спорните шефови на држави и влади.

Во изминатата недела рускиот претседател Владимир Путин на покана на Орбан беше во посета на Будимпешта – четврти пат од 2015 година. Денес унгарскиот премиер пречекува уште еден гостин од кој останатите ЕУ земји веќе подолго време се дистанцираат: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Орбан и Ердоган со години негуваат тесни пријателски односи, а Ердоган по трет пат доаѓа во посета на Будимпешта од 2013 година. Двајцата имале средби и во други бројни прилики, како на пример пред три недели на Самитот на Советот за соработка на земјите од турско говорно подрачје во Баку.

Испраќање сигнали до ЕУ

Најважниот аспект на посетата од унгарски поглед е  политичкиот сигнал кој Орбан сака да го испрати до ЕУ.  Унгарскиот премиер со години, а особено по почетокот на бегалската криза во 2015 година, стави јасно до знаење дека стои на страната на Ердоган – а по потреба и против цела ЕУ. Така унгарската влада застана во одбрана на бруталната акција на турската држава во протестите на критичарите на владата. Орбан беше и првиот шеф на држава на ЕУ кој во 2017-та му честиташе на Орбан за спорниот референдум за уставни промени, како и мината година за неговиот реизбор. Пред неколку недели Унгарија блокираше една ЕУ- резолуција, со која требаше остро да се осуди  инвазијата на Турција во Сирија  врз тамошните области контролирани од Курдите. На крајот беше изгласана помлака верзија.

Türkei Ankara Erdogan trifft Orban
Орбан и Ердоган - добри пријатели, фотографија од 2017 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Presidential Press Service

Орбан појасни дека неговиот став е заснован на тоа дека Турција е најважниот стратешки партнер на Европа во справувањето со бегалската криза и борбата со исламскиот тероризам. Што се однесува до Унгарија, сегашната надворешно политичка доктрина на Орбан гласи дека неговата земја веќе илјада години е во средиштето на тензичната поларизирана зона меѓу Берлин, Москва и Истанбул и со сите три мора да одржува посебно внимателни односи. Додека односите со Берлин подолго време се студени, а со Москва пријателски, но прагматични, може да се каже дека Орбан и Ердоган имаат многу срдечен однос.

Трговска политика водена од интереси

Економски погледнато Турција за Унгарија досега игра подредена улога, па главна точка на посетата на Ердоган исто како и во изминатите години е на развој на меѓусебната трговија. Тој сеуште ја нема достигнато годишната цел од 5 милијарди долари дефинирана уште пред неколку години. За поголем трговски волумен во иднина треба да придонесат испораки на гас од Турција преку руско-турскиот гасовод Турски тек, како и бизниси со оружје. Имено, Унгарија сака дополнително вооружување на армијата во голем стил, меѓу другото и со турско оружје.
Орбан има сосема лични економски интереси: веќе долги години е пријател со турскиот богаташ и бизнисмен и поранешен претседател на клубот Галатасарај, Аднан Полат. Тој пак меѓу другото има бизниси за недвижнини со зетот на Орбан, Истван Тиборч, а негова фондација се грижи за реставрацијата на познатиот споменик Ѓул Баба во Истанбул. Полат освен тоа во иднина сака многу да инвестира во обновливи извори на енергија во Унгарија. Веројатно тој ги зближило и Ердоган и Орбан.
Интензивирањето на односите на земјата со Турција, Русија, Кина или централноазиските републики, во Унгарија долго се пропагираше под мотото „Отворање кон Истокот". Целта на Унгарија беше да се придобијат нови пазари, инвестиции и кредити. Орбан притоа експлицитно нагласуваше дека неговата политика се води од интереси и дека не му се потребни поуки од други партнерски земји. Орбан на Западот во повеќе наврати му префрлаше „двојни аршини", на пример кога Унгарија од Берлин беше критикувана за релациите со земји со кои самата Германија има големи бизниси.

Орбан како „градител на мостови“

Но, и дипломатијата на Орбан ги надминува рамките на т.н.реална политика. Премиерот на Унгарија провоцира со пренагласена критика на ЕУ, но истовремено им се восхитува на авторитарни лидери на начин што делумно изгледа и потчинувачки. Притоа настрана од номиналните „национални унгарски интереси" често се работи и за вмрежување на антилиберални сили и себеинсценирање како важен европски политичар. Политикологот Петер Креко од Институтот за политички капитал од Будимпешта вели дека Орбан се гледа себеси во посредничка улога меѓу Исток и Запад.
Таквата политика некогаш зазема и апсурдни форми, па така повеќепати Орбан во последно време на средбите со Ердоган и шефовите на држави и влади од туркофонските земји во Централна Азија нагласи дека Унгарците имале хунско-турско потекло и дека унгарскиот јазик бил сроден со турскиот. Серизони академици на таквите изјави регираат со неверување: потеклото на Унгарија тоне во мракот на историјата, а сродноста на унгарскиот јазик со турските јазици докажано не постои.