Албанија на почеток на долгиот пат кон ЕУ
27 јуни 2014Во Албанија владее голема радост поради добивањето кандидатски статус за влез во ЕУ. Во текот на десетлетија на комунистичка изолација и турбулентните транзициски години кои следеа, желбата да се припаѓа на Европа беше константна и кај населението. Сега земјата е чекор поблиску кон исполнување на таа желба: откако министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ донесоа заклучок за давање кандидатски статус за ЕУ, таа одлука официјална потврда добива денеска, на самитот на шефови на држави и влади во Брисел.
Мора да биде реформиран правосудниот систем
Но, без оглед на еуфоријата, за многумина луѓе во Албанија е јасно дека најтешкиот дел од работата допрва претстои.
„Да се биде земја кандидат, значи дека ќе мораме уште повеќе да работиме и не смееме да се опуштиме од задоволство“, вели министерката за европски интеграции Клајда Ѓоша за Дојче веле.
Зашто, кандидатскиот статус не значи и скоро започнување на пристапните преговори. Пред тоа земјата мора да спроведе бројни реформи, така бара ЕУ. Првенствено станува збор за борбата против корупцијата во правосудството и управата, како и проблемите на организираниот криминал.
„Функционирањето на правната држава е клуч и поради тоа јас би ставил акцент на реформа на правосудството“, вели германскиот амбасадор во Тирана, Хелмут Хофман, во разговор за Дојче веле. Тој вели дека корумпираното правосудство го спречува економскиот развој на земјата. Тоа беше и пораката на германската канцеларка Ангела Меркел до албанскиот премиер Еди Рама во текот на неговата посета на Берлин во март годинава.
Се чини дека оваа порака стигнала до целта: веројатно не е случајно дека седум дена пред донесувањето на одлуката во Брисел, албанските безбедносни сили покренаа голема акција на југот на земјата, познат по производството марихуана. Во селото Лазарет, кое важеше за најголемо подрачје за производство на канабис во Европа, полицијата, според сопствени наводи, уништила 12 тони марихуана.
Да се прекине со културата на неказнување
Можно е оваа акција да имаше позитивно влијание врз одлуката на ЕУ, но таа не беше доволна. Како и порано во случајот со Хрватска, ЕУ од Албанија ќе бара спротивставување на корупцијата на највисоко ниво. Зашто, во оваа земја уште постои култура на неказнување. Поради тоа, политичкиот аналитичар Луфти Дервиши смета дека реформата на правосудството ќе биде голем предизвик. Тој вели дека таа реформа мора да биде спроведена во соработка со мисијата на ЕУ за помош на правосудниот систем во Албанија (ЕУРАЛИУС).
„Првите сигнали за тоа постојат. Првпат судии и обвинители седат на обвинителна клупа. Но, дури кога ќе бидат фатени и ’крупни риби’, можеме да речеме дека сите се еднакви пред законот“.
На скалата за корупција на Транспаренси интернешнл Албанија се наоѓа на 116. место од вкупно 177 држави. Сега многумина Албанци се надеваат дека под притисок на ЕУ ќе бидат намалени подмитувањето и сивата економија. Министерката за европски интеграции Клајда Ѓоша нагласува дека добивањето кандидатски статус автоматски значи и построг надзор на владата и сите други институции.
„Граѓаните ќе профитираат од тоа, зашто ќе добијат раководство кое е свесно за својата одговорност“.
Трновит пат до членството
Албанија на добивањето кандидатски статус чекаше пет години. Во текот на тоа време Европската комисија трипати го одбиваше барањето на Тирана за добивање статус на кандидат. Причината за чекањето не беше само недостигот од реформи, туку и големата поларизација меѓу двете водечки политички партии, демократите и социјалистите, кои наизменично владееја со земјата во последните 23 години, односно од падот на комунизмот. Сега ЕУ очекува промена во парламентарниот живот на земјата.
„Земјата во минатото трпеше поради политичката нестабилност и јазикот на омраза кој го користеа водечките политичари. Притоа приватните и партиските интереси беа ставани над интересите на земјата“, вели аналитичарот Луфти Дервиши. Тој смета дека тоа во иднина мора да се промени.
Но, патот кон ЕУ ќе биде долг, а уште многу треба да се сработи, вели германскиот амбасадор во Тирана, Хелмут Хофман. Сепак, тој нагласува дека ЕУ и Германија ќе останат на ветувањата дека Западниот Балкан има јасна европска перспектива.
„Важно е земјите од Западен Балкан да се движат во правец на ЕУ. Но, притоа тие не напредуваат со ист чекор, туку врз основа на насоките за напредок која секоја земја ги прави сама за себе“.